Луис Хамилтон смета дека погрешните поставки на болидот и проблемите со управувањето го чинеле подобар резултат на Големата награда на САД во Остин.
Возачот на Ферари тргна од петтата позиција, но веднаш на стартот го престигна Исак Хаџар и се искачи на четвртото место. Сепак, не успеа да го задржи темпото на најбрзите и остана без посакуваниот подиум.
Тој објасни дека почнале проблемите уште на петочните тренинзи, кога не успеал тимот да ги пронајде вистинските поставки за болидот.
Дополнителен проблем биле користените меки гуми во првата етапа, поради кои губел време во однос на Шарл Леклер и на Макс Верстапен.
– Во првите две етапи, едноставно немав темпо. Не можев да го натерам болидот правилно да свртува. Сè почна во петокот. Имавме погрешно штелување на првиот тренинг, а на вториот тргнавме во погрешна насока – откри Хамилтон.
Тој верува дека со подобри поставки можел да се вмеша во борбата за подиумот, па дури и да има шанса за второто место.











