петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Битолчанец вработен во училиште под истрага за детска порнографија

Битолчанец вработен во училиште под истрага за детска порнографија

ИП-адреси од Македонија детектирани во меѓународна истрага, проверки се вршат и во други градови

270

Основното јавно обвинителство Битола отвори истрага против 31-годишен битолчанец, осомничен за кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, откако негови податоци биле откриени во рамки на меѓународна полициска акција предводена од австралиските власти.

Според обвинителството, осомничениот, кој бил вработен во образовна установа, во периодот од април 2024 до 1 април 2026 година, на свои компјутерски уреди во домот набавувал и поседувал материјали со злоупотреба на деца. Истрагата е покрената по предистражни дејствија спроведени во координација со СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, а по добиено известување од Австралиската федерална полиција.

Австралиските служби, како дел од поширока операција, откриле веб-страници преку кои се дистрибуирале фотографии и видеа со детска порнографија, по што започнале да ги идентификуваат корисниците кои се обиделе да пристапат до нив. Во таа постапка биле детектирани повеќе уникатни корисници, заедно со нивните електронски и ИП-адреси, при што дел од нив воделе и кон Македонија.

Врз основа на тие сознанија, австралиските власти испратиле информации до македонските институции, по што е отворена истрага која, според надлежните, не се ограничува само на Битола.

„Се преземаат дејствија на проверки и во Скопје и во други градови, со цел целосно расчистување на случајот“, информираат од обвинителството.

За осомничениот веќе е поднесен предлог за определување мерка притвор до Основниот суд во Битола.

Ваквите случаи, речиси секогаш имаат меѓународен карактер, бидејќи мрежите за дистрибуција на ваков вид материјали функционираат преку интернет-платформи, често користејќи енкриптирани апликации (заштитена комуникација) и сервери во различни држави. Дел од таква мрежа за размена на детска порнографија бил и 31 годишниот битолчанец на кому му се заканува затворска казна од 1 до 8 години. Под лупа на македонските истражни органи влегува откако нашите власти добиле известување од австралиската полиција дека од нивната акција откриени се дигитални траги во земјава-ИП адреси и кориснички профили.

Во текот на 2026 година, австралиските власти спроведоа голема координирана акција против мрежа за онлајн сексуална експлоатација на деца, при што беа уапсени десетици лица и поднесени над 1000 обвиненија. Според истрагата, групата функционирала преку енкриптирани апликации, каде се разменувале илјадници фотографии и видеа со злоупотреба на деца. Полицијата открила повеќе од 65.000 фајлови и извршила десетици претреси, при што биле запленети голем број електронски уреди. Во рамки на акцијата, 26 мажи биле обвинети за различни кривични дела, вклучувајќи поседување, дистрибуција и создавање на материјали со злоупотреба на деца, а истрагата довела и до дополнителни апсења на меѓународно ниво

Слични акции, неодамна беа спроведени и во регионот, вклучително и во Србија, каде во рамки на операцијата „Армагедон“ беа уапсени повеќе лица за злоупотреба и споделување на материјали преку дигитални канали. (П.А.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ