Според последните информации, најмалку 68 лица загинаа, а десетици се повредени денес по судир меѓу два брзи воза во централна Шпанија, во близина на градот Урда во провинцијата Толедо, пренесува RTVE.
Силата на ударот предизвикала превртување на неколку вагони, кои се лизнале по насип во Урда, каде што во моментов се одвиваат спасувачки операции по една од најтешките несреќи некогаш забележани на шпанската железничка мрежа.
Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, денес изјави дека судирот меѓу два воза на железничката мрежа во земјата е „навистина речиси незамислив“, по тешката железничка несреќа во близина на Урда во која животот го загубија најмалку 64 лица.
На прес-конференција, Пуенте изрази „шокираност“ од несреќата и солидарност со семејствата на жртвите, опишувајќи ја ситуацијата како „еден од најтешките моменти со кои човек може да се соочи“, пренесува RTVE.
Според него, несреќата се случила во 8:53 часот, практично на влезот во станицата Урда на линијата Мадрид–Севиља, кога брз воз на компанијата „Ренфе“ (Renfe) удрил во задниот дел од воз на компанијата „Ирио“ (Irio), кој стоел на шините.
„Судир меѓу два воза на шпанската железничка мрежа е навистина речиси незамислив; затоа, во текот на утрото, се обидувавме да утврдиме што се случило и како можело да дојде до таква несреќа“, рече Пуенте. Шпанскиот министер за транспорт изјави дека утрово се сретнал со технички експерти и ја разгледал деталната реконструкција на несреќата – во железничката терминологија позната како „мовиола“ (moviola) – како и анализата на комуникацијата помеѓу возовите и контролниот центар.
Според досега достапните информации, системот за контрола на сообраќајот и безбедност „LZB“ откажал на станицата Урда околу 8:30 часот, поради грешка во комуникацијата помеѓу компјутерите на железничката мрежа.












