Основната замисла на музичкиот проект „Да ја вратиме културата во културните средини“ со кој првично се предвидени три концерти на отворено – во Мелница, Бешиште и во Полчиште е да се оживее традицијата во срцето на Мариово.
Според познатиот македонски инструменталист на традиционални народни инструменти, Стефче Стојковски, идејата е симболична, но и суштинска: враќање на изворниот мелос и исконската уметност токму таму каде што се родила и се негувала таа со векови – во срцето на македонското село
Во време кога брзото темпо на модерното живеење сè повеќе ги потиснува традиционалните вредности, реномираниот ансамбл на народни инструменти и песни „Стефче Стојковски“ поведува иницијатива со длабока културна и национална порака. Под наслов „Да ја вратиме културата во културните средини“, овој август Мариово ќе стане сцена на уникатен музички проект, поддржан од Министерството за култура и туризам.
Основната замисла на овој проект, според познатиот македонски инструменталист на традиционални народни инструменти Стефче Стојковски, е симболична, но и суштинска: враќање на изворниот мелос и исконската уметност токму таму каде што се родила и со векови се негувала таа – во срцето на македонското село.
– Идејата на овој музички проект е секаде, во секое село во Македонија, луѓето да се потсетат на корените. Во селата да се вратат народниот мелос и носиите, бидејќи живеејќи во градовите, ги забораваме традицијата и она исконското – вели Стевковски.

Програмата опфаќа три концерти на отворено, лоцирани во живописните и историски значајни мариовски села и манастирски комплекси.
Првиот голем настап е закажан за нашиот голем празник Илинден, на 2 август, во манастирот „Свети Илија“ во селото Мелница. Музичкото патување ќе продолжи на 8 август, во селото Бешиште (пред храмот „Света Петка“), а ќе се заокружи на 9 август, во манастирот „Свети Пантелејмон“ во селото Полчиште.
Преку магичниот звук на гајдата, кавалот, тамбурата и тапанот, публиката ќе има можност да нурне во автентичните ритми на изворните македонски песни и ора пренесени директно од чуварите на изворниот мелос.
На сцената под отвореното мариовско небо ќе застане уиграната музичка формација предводена од самиот Стефче Стојковски (кавал, гајда, тамбура, глас), заедно со Перо Пењушков (тамбура, глас), Рубин Стојаноски (тамбура, глас), Теодор Стојковски-Катин (кавал, тамбура, глас) и Пеце Петрески (тапан, глас).
Зборувајќи за интересот на помладите генерации за изучување на народните инструменти и за зачувување на изворниот мелос, Стојковски истакнува:
– Дали имаат младите интерес? Би рекол да. Во последните години, со отворањето на Катедрата за народни инструменти во средното музичко училиште и на Факултетот за музичка уметност, се појави зголемен интерес за изучување на народните инструменти, меѓу кои и гајдата. Но, тука акцентот треба да се стави на тоа како се изучуваат овие инструменти. Во Македонија има традиција на свирење народни инструменти, која треба да се учи непосредно од изворот. Секако дека е убаво кога се учи и институционално, но таму се добива, можеби, само музичката основа. Сè друго е трагање по изворот, самостојно истражување и создавање сопствен стил и начин на изведба.
Традиционалната народна музика, според Стојковски и понатаму го наоѓа своето место во секојдневниот и празничниот живот на луѓето, иако бара дополнителен поттик за да се пренесе на помладите.
– Свирењето на народни инструменти на македонските прослави е специфично и регионално повеќе или помалку застапено. Сепак, има интерес, особено кога има општонародна веселба или собир за прослава на верски празници во манастирите. Може да се каже дека и индивидуално се бара како ексклузивна музичка презентација на фамилијарни веселби, иако сето тоа сè уште е најчесто поттикнато од повозрасната генерација – објаснува Стојковски.
Ансамблот „Стефче Стојковски“ веќе со децении важи за еден од највидните чувари и амбасадори на македонското музичко наследство во светот. Новата 2026 година носи исклучително богата агенда за ансамблот, како на домашната така и на меѓународната сцена.
– Нè чекаат многу концертни настапи пред домашната публика, а на меѓународен план, планирани ни се самостојни мои настапи и гостувања со ансамблот во Швајцарија, Франција, САД, Канада, Хрватска и во Турција. Нè очекуваат концерти на фестивалските светски сцени каде што настапувале реномирани светски познати имиња. Таму ќе ја презентираме музиката од цела етничка Македонија, ќе свириме изворни песни и ора од Пирин, Егеј, Гора, Голо Брдо и од Пчиња – вели Стојчевски.
Покрај концертите во Мариово, за ансамблот следуваат и организацијата на 18. традиционален семинар за изучување македонски изворни инструменти, песни и игри во Охрид (каде што се изучуваат изворната, чалгиската и староградската музика), второто издание на фестивалот „Гласот на гајдата“, како и објавувањето на новиот музички материјал на цеде и поливинил – петто продолжение на нивната антологија со наслов „Од кладенецот на Македонија 5“.
Концертите во Мариово, пак, се отворена покана до сите љубители на изворниот мелос да бидат дел од еден настан што ги слави традицијата, меморијата и трајната убавина на македонското музичко наследство. (Д. Т.)












