Почна снимањето на долгометражниот игран филм „Мравки“, кое во наредните 24 снимачки денови ќе се реализира на повеќе локации низ Скопје и Дебар.
Режисер на филмот е Марјан Гавриловски, сценариото го потпишува Никола Кузелов, продуцент е Ромир Јакупи, а директор на фотографија е Фејми Даут.
„Мравки“ е црна комедија со елементи на трилер, чија приказна следи невообичаен тандем – инспектор пред пензија и трансвестит, кои се принудени заедно да разрешат мистериозно убиство. Нивната неочекувана соработка ги соочува со сопствените предрасуди, но и со опасен свет исполнет со тајни и апсурдни ситуации.
Во главните улоги настапуваат Сенко Велинов и Никола Кузелов, а актерската екипа ја сочинуваат и Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Береда Решит, Тања Кочовска, Владимир Тулиев, Кристина Атанасова Арсова, Мими Таневска, Драган Спасов-Дац, како и други истакнати актери.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
Фото: „Инстаграм“












