Денеска се одбележува Меѓународниот ден на биосферните резервати, посветен на заштитата на природата и одржливиот развој на заедниците што живеат во неа. Македонија е дел од светската мрежа на биосферни резервати преку прекуграничниот резерват „Охрид – Преспа“, прогласен во јуни 2014 година во соработка со Албанија.

Резерватот опфаќа површина од повеќе од 446.000 хектари и претставува едно од најзначајните природни подрачја во регионот. Во него се вклучени Охридското и Преспанското Езеро, околните планински предели, како и националните паркови „Галичица“ и „Пелистер“. Подрачјето се одликува со исклучително биолошко богатство, бројни ендемски видови и уникатни екосистеми.

Концептот на биосферните резервати произлегува од програмата „Човекот и биосферата“ на УНЕСКО, започната во 1971 година. Основната идеја е зачувување на природните вредности преку усогласување на заштитата на екосистемите со економскиот и општествениот развој на локалното население. Сепак, регионот Охрид – Преспа се соочува со сериозни предизвици. Намалувањето на нивото на Преспанското Езеро, загадувањето, непланската урбанизација на охридското крајбрежје и проблемите со отпадните води ја загрозуваат природната рамнотежа.

Меѓународниот ден е потсетник дека меѓународните признанија не се доволни без конкретни активности. Зачувувањето на ова природно богатство бара одговорност од институциите, локалните заедници и граѓаните, бидејќи заштитата на природата е обврска кон идните генерации.

ИЗДВОЕНИ