Општина Илинден досега исчисти речиси 27 километри одводни канали и речни корита, надминувајќи го првично планираниот обем на активности за одржување на каналската мрежа и за превенција од поплави. Во изминатиот период, машински бил исчистен главниот одводен канал низ централниот дел на Илинден и на Марино, во должина од 5.000 метри, како и ободниот канал од локалната зона Карагач кон Меѓународниот аеродром Скопје, во должина од 3.800 метри.

Со овие активности, вкупната досега исчистена должина достигнува 26.800 метри, што е повеќе од првично предвидените 24.250 метри. Од Општината информираат дека ќе продолжат работите и во наредниот период, со чистење дополнителни 4.000 метри од коритото на Сува Река, на потегот Миладиновци – Бујковци, како и уште 1.000 метри на потегот Текија – Дељадровци.
Градоначалникот Александар Георгиевски посочува дека редовното одржување на каналската мрежа е особено важно поради високото ниво на подземни води, бидејќи овозможува непречен проток на атмосферските води и го намалува ризикот од поплави.












