– Денес е загубен секаков вкус, ракурс и перспектива во пристапот на родителите кон децата. Родителите во голем степен се незаинтересирани за сопствените деца. Изгледа како да ги испуштаат од раце и забораваат дека тие се само деца. Преку претставата видов можност да се зборува за тоа како треба да се пристапи кон едно дете. Дека едноставно се потребни љубезност во комуникацијата, трпение во односите, потребно е да им се посвети време на децата, без да се заборават нивните потреби – рече коавторот на текстот, Горјан Милошевски, за претставата „Златокоса“
„Златокоса“, работена по текст на Горјан Милошевски и Драган Довлев, а во режија на Драган Довлев, е претстава што премиерно ќе биде изведена на 29 април, со почеток во 19:00 часот, во Театарот за деца и младинци во Скопје.
Станува збор за современа сценска интерпретација на познатата бајка („Златокосата и трите мечки“), која отвора важни прашања за семејството и за начинот на комуникација меѓу најблиските. Според коавторот Горјан Милошевски, Златокоса е дете што сака топлина и љубов, но расте во средина обележана со недоразбирање и емоционална оттурнатост. Во такви околности, тргнува на патување низ шумата, кое ја носи до домот на трите мечки – место што наликува на сон, каде што секој секого слуша, разбира, почитува, му помага и го љуби безусловно и без лутина.

– Станува збор за приказна за едно невоспитано дете, не по своја вина секако, кое расте во една многу нервозна и многу напната атмосфера. Атмосфера во која родителите постојано се караат и се навредуваат меѓу себе. Со претставата сакавме да го отвориме прашањето што треба да се случи во животов за да се превоспита едно такво невоспитано девојче. И кога тргнавме со подготовката, мислев дека треба да се случи вистинско чудо за да се превоспита едно невоспитано девојче. Но, како што работевме така заклучив дека, всушност, одговорот е обратен. Дека недостига многу малку да се превоспита едно невоспитано девојче. Толку малку недостига што е доволно да сони еден сон во кој некои чудни мечки се многу попријатни од нејзините родители, се многу похумани, пољубезни, потолерантни од кои било други луѓе – рече на денешната прес-конференција Довлев, кому ова му е 10. јубилејна режија.
Како што посочи, пак, коавторот Милошевски пред новинарите, како што почнала да се развива приказната така видел голема можност да се зборува за односот помеѓу родителите и децата денес.
– Денес е загубен секаков вкус, ракурс и перспектива во пристапот на родителите кон децата. Родителите во голем степен се незаинтересирани за сопствените деца. Изгледа како да ги испуштаат од раце и забораваат дека тие се само деца. Постои една тензична и општа атмосфера на вербално насилство што родителите често ја вршат врз своите деца, дури и несвесно. Преку претставата видов можност да се зборува за тоа како треба да се пристапи кон едно дете. Дека едноставно се потребни љубезност во комуникацијата, трпение во односите, потребно е да им се посвети време на децата, без да се заборават нивните потреби – рече Милошевски.
Иако наменета за деца, претставата носи слоевита порака и за возрасните, потсетувајќи на значењето на вниманието, на трпението во секојдневната комуникација.
– Претставата е специфична, бидејќи во одредени сцени актерите им се обраќаат директно и на родителите и на децата. Актерите внесоа многу дух, развија нови идеи и секвенци, кои ја направија претставата поинтересна и поигрива – додаде Милошевски.
Истакна дека време е да се обрне внимание на оваа тема, бидејќи незаинтересираноста на родителите може да предизвика анархичен и насилнички исход кај децата, на што сме сведоци и деновиве.
– Сè започнува од домот и од родителите. Потребни се љубезност, внимание и посветеност кон сопствените деца – заврши Милошевски.
Актерската екипа во претставата ја сочинуваат: Симона Спировска, Наташа Петровиќ, Бојан Кирковски и Владимир Лазовски, додека во алтернациите настапуваат Анастасија Ласовска, Изабела Новотни и Драган Довлев.

Како што посочи Симона Спировска, која ја толкува улогата на Златокоса, оваа претстава претставува можност на преиспитување на сопствените позиции во однос на околината и на сопствените деца, во однос на тоа што зборуваме, а и како се однесуваме. Според Бојан Кирковски, пак, куклените претстави се многу важен дел од ТДМ и се значајна компонента во развојот на имагинацијата кај децата.
– Не им обрнуваме доволно внимание на децата и не обрнуваме доволно внимание што зборуваме и каков пример сме им на децата. Често го заменуваме тоа внимание со дигитализацијата, со оние мобилни што им ги даваме во рацете и тие социјални мрежи, тикток- предизвици, заборавајќи колку е важно присуството на родителите, колку е важно присуството на повозрасните – посочи Кирковски.
Сценографија и дизајнот на куклите се на Кирил Василев, кој ги изработи заедно со Бранкица Јордановска, Игор Василев е композитор на музиката, костимографијата е на Љубица Велкова, а кореографијата на Симона Спировска. Ова е втора премиера на Театарот за деца и младинци годинава, а Довлев, на прес-конференцијата ,се пожали за малата сума што му била одобрена од Министерството за култура за реализација на претставата, а која изнесувала 300.000 денари. (Н. И. Т.) Фото: П.Стојановски












