| Шест од десет точки од ЕУ-агендата се во самиот финиш |
Реформската агенда за ЕУ влегува во клучна фаза, со десет критични точки што треба да се исполнат до јуни, од кои шест се веќе прикрај. Министерот за европски прашања, Беким Сали, потенцира дека меѓу најчувствителните прашања е Изборниот законик, кој бара широк политички консензус, додека во заднина стои и ризикот од губење значајни европски средства доколку не се реализираат реформите навреме. Истовремено, од ЕУ доаѓа предупредување дека истекува времето, а напредокот ќе биде клучен за натамошниот тек на евроинтеграциите.
– Нашата држава работи на десет критични точки, кои се обемни, а една од нив се реформите на Изборниот законик. Изборниот законик бара поголем, поширок консензус, не можеме да го направиме тоа прекуден, само за да го исполниме тој чекор, затоа што износот што го споменуваме е осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или, пак, исполнувањето на тој чекор, со цел функционирање на системот, е наша цел. Сметам дека, како политичари, треба да мислиме на идните процеси. Секако, и финансискиот дел е една инфузија за нашиот финансиски систем. Меѓутоа, ние, како политичари, треба да преземеме одговорност за иднината на државата и тука изборите ни се многу битен фактор – изјави Сали.
Во однос на извештајот од Европската комисија, првиот вицепремиер рече дека сè уште не е пристигнат тој, но Владата би требало да го добие во текот на оваа недела. Сали рече дека е познато дека е позитивен тој извештај и дека од 21 точка, прифатени се 16.
– Тоа е одличен знак за нас. Предупредувањето на комесарката Кос и на европатеникот Вајц се однесува на најави за идниот период, односно за овој период до јуни, за кој имаме два месеци и сметам дека се критични 10-ина точки. Значи тоа се критични точки, кои се во грејс-период, не се зборува за другите, кои се тековни точки, чекори, кои треба да ги реализираме. Работиме во сите сфери, значи на грејс-периодот и на редовниот период, кој треба да го исполниме. Сметам дека нивната најава, предупредување, е превентивен знак за нашата држава, треба да работиме понапорно – рече министерот за евроинтеграции.
Тој појасни дека шест од 10. критични веќе се прикрај, завршени и се очекува да се реализираат до крајот на април, со што Владата ќе има два месеци период на адаптација и за евентуални измени, доколку е потребно тоа.
– Мораме да признаеме дека се многу специфични и неслучајно се останати така и очекуваме да ги реализираме повеќето од овие чекори, некои се веќе завршени, и преостанатиот дел од редовните 27 чекори, кои се таргет-точки, очекувам повеќето да бидат исполнети од нашите институции – истакна Сали.
И евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба да ги исполни земјава до јуни, кои, како што рече „се во рамките на грејс-периодот“.
– Ова е системот по кој функционира реформската агенда и доколку помине периодот, а тие не се исполнат, тогаш парите се губат. Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори, напорно работат да ги исполнат. На тоа се однесуваше предупредувањето и такво предупредување не беше испратено само кон Македонија туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат своите реформски агенди. Значи, во тек е напорна работа, не можам да давам предвидување, ќе треба да почекаме до крајот на јуни за да го видиме исходот. Јас и мојот тим тесно соработуваме со сите министерства и гледаме дека постои импулс за тоа. Но, не можам да предвидам каков ќе биде исходот на крајот од јуни, односно ќе треба да почекаме дотогаш – изјави евроамбасадорот Рокас.
Деновиве, во македонската политичка јавност реакции предизвика изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дека во последната година земјава нема постигнато никаков напредок во спроведувањето на реформите и предупредувањето дека доколку не ги спроведе, нема да ги добие 47 милиони евра од Планот за раст. Вајц нагласи дека впишувањето на малцинствата, меѓу кои и Бугарите, во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, иако проблем не е само вклучувањето на Бугарите во Уставот и започнувањето на преговорите туку и застојот во реформската агенда.
Минатата недела, директно предупредување до земјите од Западен Балкан испрати и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која ги стави под силен притисок да испорачаат резултати за да не останат без повеќе од 700 милиони евра или речиси 12 % од целиот пакет од Планот за пораст, вреден 6 милијарди. (В. С. Н.)












