Двете железнички претпријатија „МЖ-Транспорт“ и „МЖ-Инфраструктура“, здравствени установи и клиники, енергетскиот гигант АД ЕСМ, како и општините, се најголемите должници во државата. Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО), што го води Министерството за финансии покажува дека вкупниот долг, заклучно со јуни достигнал 42,7 милијарди денари, или околу 693 милиони евра. Овој износ не само што ги парализира основните функции на институциите туку директно го загрозува опстанокот на приватните компании што работат со државата, создавајќи синџир на неизвесност во целата економија.

Најголем должник кон државата е „МЖ-Инфраструктура“ со обврски преку 91,5 милиони евра, а на второ место е АД „МЖ -Транспорт“ со долгови од околу 83,8 милиони евра. Јавните установи од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар должат 35 милиони евра, а енергетската компанија АД ЕСМ должи близу 34 милиони евра, а нејзината подружница за парно греење има достасани, а неплатени обврски во износ од 29,7 милиони евра.

Збирно, јавни претпријатија и трговските друштва во државна сопственост должат 271,5 милиони евра, а најголем должник од јавните претпријатија е скопското водоводно претпријатие „Водовод и канализација“ со неплатени фактури од 13,8 милиони евра. Долгот на општините кон државата изнесуваат збирно околу 93,2 милиони евра. Општина Гостивар со 14,8 милиони евра го има најголемиот долг, а по неа следува Општина Тетово со долг од 14 милиони евра.

Според Програмата за економски реформи 2025 – 2027 година, планиран е континуиран пораст на трансфери од државата кон општините. За годинава планираниот износ е 669 милиони евра, а во 2027 година во износ од 716 милиони евра.

ИЗДВОЕНИ