Родот е собран, пиперката стигнува на кантар, но кај земјоделците расте стравот дали ќе им биде платена како што е договорено. Од откупните пунктови стигнуваат забелешки за цените и за класификацијата, па инспекторите најавуваат дополнителни контроли. Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, по средбата со струмичките земјоделци порача дека договорот не смее да остане само на хартија и дека маката на земјоделецот мора да се плати

Струмичките производители на ајварска пиперка на мака – род има, нивите се полни, ама сега главната грижа е дали сработеното со месеци ќе успеат чесно да го продадат и наплатат. Токму пласманот и откупот беа во фокусот на средбата во Струмица, каде што министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска разговараше со производителите.

На откупните пунктови, велат земјоделците, некаде работите одат како што е договорено, а некаде има забелешки. Најмногу ги мачи тоа што, според нив, на дел од местата не се почитуваат договорените цени и класификацијата на пиперката.

– Овде луѓето реално се загрижени за пласманот на своите производи – рече Серафимовски, посочувајќи дека токму затоа Министерството, локалната самоуправа и Државниот инспекторат за земјоделство се на терен.

Според договорот од 13 август, прва класа ајварска пиперка треба да се откупува по 40 денари за килограм, за прва-втора и индустриска класа 30 денари, додека за шкартот да се плаќа 15 денари за килограм. Но, како што велат производителите, едно е што е ставено на хартија, а друго што се случува кога ќе дојде пиперката на кантар. Токму затоа, Серафимовски порача дека договореното мора да се почитува.

– Доколку договорот е нарушен, тоа за нас е сериозна работа. Повторно ќе ги преиспитаме состојбите во откупните центри и кај преработувачите. Државата во овој процес ги следи двете страни и мора да утврди дали договореното доследно се почитува – рече министерот.

Од Државниот инспекторат за земјоделство велат дека контролите веќе се прават и дека досега не се утврдени неправилности. Инспекторите проверуваат дали пиперката се откупува по договорените цени и дали правилно се врши класификацијата. Сепак, по новите забелешки од производителите, ќе има и дополнителни проверки кај откупувачите и преработувачите.

Серафимовски посети и повеќе откупни пунктови во Струмичко, за одблиску да види како оди откупот – од кантарот, преку класификацијата, па сè до плаќањето. Министерот признава дека државата не може да ја диктира цената на пазарот. Но, ако еднаш е постигнат договор меѓу земјоделците, откупувачите и преработувачите, тогаш нема простор за пазарење на зборот.

– Државата не ја определува цената, бидејќи станува збор за пазарен однос. Но, она што било договорено мора да се почитува. Маката на земјоделецот и трудот што го вложил треба соодветно да се вреднуваат и да се наплатат – порача Серафимовски.

Проблемот не е само во Струмичко. Министерот најави нова средба со Асоцијацијата на преработувачи и најголемите компании што откупуваат пиперка во Струмичкиот Регион, но и со преработувачите што допрва треба да го започнат откупот во Прилепско. Целта е сите да седнат на иста маса и да се расчистат отворените прашања, за откупот да продолжи без нови сопки за производителите.

А по бербата, најавува Серафимовски, ќе се бара и потрајно решение. Проблемите со откупот на земјоделските производи, вели тој, не смее секоја година да се враќаат како бумеранг.

– Не е добро истиот проблем да се повторува секоја година. Иако зависиме и од движењата на странските пазари, мора да го уредиме она што е во рамките на нашите можности – вели министерот.

ИЗДВОЕНИ