Иранската државна телевизија објави видео во кое, очигледно, животот на Барон Трамп, најмладиот син на американскиот претседател Доналд Трамп, е директно загрозен, пишува Си-ен-ен. Речиси во исто време, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се пожали дека Иран се обидел да убие еден од неговите двајца синови, без да даде повеќе детали, ниту да каже за кој од нив се работи.
Веќе подолго време, тврдокорните ирански медиуми често објавуваат содржини со кои се закануваат по животите на Трамп и неговото семејство, а овие напади станаа особено чести по убиството на поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи и на неколку членови на неговото семејство на самиот почеток на американско-израелската војна со Иран во февруари. Претходно имаше закани кон првата дама Меланија Трамп, а сега речиси триминутното видео почнува со графика на англиски јазик на која пишува: „Каде да се убие Барон Трамп?!“, проследена со стилизирани прикази на локации каде што помладиот Трамп го поминува времето, вклучувајќи ја и кулата „Трамп“ во Њујорк.
Видеото беше емитувано викендов од иранската државна телевизија ИРИБ, која е блиска до тврдокорните струи во режимот и чиј раководител е директно назначен од врховниот лидер на Иран. Извор од американските федерални органи за спроведување на законот потврди за Си-ен-ен дека ова видео е само дел од поширока кампања од Иран насочена против семејството Трамп и самиот претседател. Неколку од видеата објавени досега содржеа детали за нивните движења и предлози за начини на кои би можеле да се извршат атентатите. Истиот извор наведува дека безбедносните операции и мерките за заштита постојано се приспособуваат и менуваат врз основа на низа разузнавачки информации собрани од Тајната служба, други агенции, полицијата и странските партнери.
– Тајната служба на САД е свесна за видеото и истражува сè што може да се смета за закана за луѓето што ги штити, изјави портпаролот на Тајната служба, Нејт Херинг, во изјава за Си-ен-ен.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, во вторникот објави дека Иран се обидел да убие еден од неговите синови.
– Се случи нешто неверојатно: Иран целеше кон еден од моите синови. Иран се обиде да убие еден од моите синови, рече тој во телефонско интервју за израелскиот „Канал 14“.
Неговата изјава дојде за време на дискусијата за тоа дека израелската безбедносна служба Шин Бет одбила да му обезбеди заштита на Гади Ајзенкот, поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, за кој анкетите велат дека е во тесна трка со Нетанјаху пред изборите на 27 октомври. Нетанјаху има два сина и една ќерка. Постариот син Јаир (35) престојува во Мајами од почетокот на 2024 година, под заштита на Шин Бет. Неговиот престој во САД предизвика контроверзии во Израел околу цената на неговото државно финансирано осигурување, додека некои жители на Јужна Флорида изразија загриженост дека неговото присуство таму би можело да ја направи областа цел на напади од непријателите на Израел.
Кратко откако изјавите на Нетанјаху станаа јавни, истакнатиот израелски новинар Амит Сегал напиша на својот канал на „Телеграм“ дека за наводниот обид за атентат се знаело со месеци, но дека објавувањето информации за него било забрането.
На 28 февруари, во почетниот бран на американско-израелските напади, Израел го уби врховниот лидер на Иран Али Хамнеи, заедно со некои членови на неговото семејство. Неговиот син Моџтаба стана нов ирански врховен водач и објави дека, освен таткото, во тој напад ги изгубил и сопругата, сестрата, нејзиното дете и зетот. Во порака по повод погребните церемонии за неговиот татко, Моџтаба Хамнеи вети дека ќе ја одмазди крвта на Али Хамнеи.












