Најавата за можно намалување на ДДВ-то доаѓа во период кога поскапувањето на горивата повторно го зголемува притисокот врз семејните буџети, но и врз транспортниот и бизнис-секторот. Владата, според најавите на премиерот, ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата на светските пазари и развојот на кризата на Блискиот Исток, а конкретните мерки ќе ги носи во зависност од движењето на цените. Мицкоски уверува дека целта е истовремено да се обезбеди стабилно снабдување, да се ограничат ценовните удари врз граѓаните и да не се загрози макроекономската стабилност

Владата планира намалување на ДДВ-то на горивата, откако цените две недели последователно одат драстично нагоре, а премиерот Христијан Мицкоски уверува дека државата има план и стратегија за справување со последиците од кризата на Блискиот Исток.
Мицкоски вели дека Владата внимателно ги повлекува чекорите за да ја заштити макроекономската стабилност, но истовремено да обезбеди што е можно пониски цени на горивата за граѓаните и индустријата.
– Да, планираме. Имаме јасна стратегија, имаме јасен план. Според нашите анализи оваа состојба што се случува во Заливот може да потрае и неколку години – изјави Мицкоски.
Тој истакна дека Владата не сака да носи избрзани одлуки кои би можеле да ја нарушат економската стабилност.
– Внимателно ги повлекуваме чекорите за да не ја нарушиме макроекономската стабилност во државата. Од друга страна, да обезбедиме убедливо најниски горива за граѓаните и за индустријата кај нас – рече тој.
Во однос на снабдувањето, Мицкоски уверува дека нема причина за паника. Според него, државните резерви се доволни за да се покрие значителен дел од потребите во услови на криза.
– Имаме доволно за да опслужиме конзум на нафта и нафтени деривати за 50-60 проценти од времето пред кризата – рече премиерот.
Тој посочи и дека Македонија продолжува да снабдува дел од регионот, вклучително и преку реекспорт, и упати порака до граѓаните да бидат спокојни.
– Бидете спокојни. Истата група луѓе, кога почна војната, ја тераа истата пропаганда – ќе нема нафта, ќе нема бензин, а ние успеваме да обезбедиме и за соседите – изјави Мицкоски.
Премиерот тврди дека Македонија, во моментов, има едни од најниските цени на горивата во регионот. Според него, дизелот е значително поевтин во споредба со повеќе соседни земји, што, како што вели, довело и до зголемена потрошувачка на бензин и дизел.
– Дизел-горивото во Македонија е за половина евро по литар поевтино отколку во Албанија, за 35 центи поевтино отколку во Србија, денес, од 30 до 50 центи по литар поевтино од сите држави во регионот – рече Мицкоски.
Според премиерот, зголемената потрошувачка на горива не ја нарушила макроекономската стабилност, а инфлацијата во јули изнесувала 2,3 проценти на годишно ниво.
– Успеавме да ја одржиме макроекономската стабилност во државата, да ја намалиме инфлацијата на најнизок износ во регионот – 2,3 проценти на годишно ниво во јули – посочи тој.
Мицкоски притоа направи споредба со 2022 година, кога, според него, инфлацијата во јули била 16 проценти. Тој ја искористи оваа споредба и за политички да ја критикува претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека сегашната Влада успеала да го консолидира економскиот систем.
– Кога ќе се направи споредба со 2022 година, кога инфлацијата во јули изнесуваше 16 проценти и бевме убедливо заковани на дното во регионот, може да се направи јасна разлика – рече премиерот.
Тој остро одговори и на критиките од опозицијата во однос на животниот стандард на граѓаните, обвинувајќи ја за ширење, како што рече, лаги и конструкции.
– Единствената цел на овој талог во опозицијата и единствената работа што знаат и умеат да ја прават е на дневна основа да „спамираат“ со лаги, измислици, конструкции – изјави Мицкоски.
Тој истакна дека е подготвен да плати политичка цена ако знае дека тоа е правиот пат за татковината.
Процентуално зголемување на пензиите во септември: се чека конечната пресметка
Пензионерите, од септември, ќе добијат ново зголемување на пензиите, но колку точно ќе изнесува тоа, сè уште не е познато. Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека следува редовно процентуално усогласување согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а конечниот процент ќе биде познат по завршувањето на пресметките.
– Да, тоа ќе биде редовно усогласување, нивелирање во согласност со законот – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот посочи дека веќе нема да има линеарно зголемување, туку пензиите ќе растат согласно со законската методологија.
– Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци, во заднина охрабрени од политички партии, да поведат тема за линеарното зголемување на пензиите пред Уставниот суд. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде во соодветство со усогласувањата предвидени со законот – изјави Мицкоски.
На прашањето дали веќе се знае колкав ќе биде процентот на зголемување, премиерот одговори дека пресметките сè уште не се завршени.
– Не, не се знае. Се пресметува, ќе се знае многу бргу – рече Мицкоски.
Според законската методологија, пензиите се усогласуваат двапати годишно – на 1 март и на 1 септември. При пресметката, еднакво се земаат предвид порастот на просечно исплатената плата и порастот на трошоците на живот.
Тоа значи дека септемвриското зголемување ќе зависи од официјалните податоци за движењето на платите и трошоците на живот, по што ќе биде утврден конечниот процент на усогласување.
Во изминатите две години, пензионерите добија линеарно зголемување од 7.000 денари. Со враќањето на законското процентуално усогласување, идниот пораст на пензиите ќе зависи од економските показатели и од движењето на платите и инфлацијата.












