По мала пауза, Ненад Димитријевиќ е повторно дел од македонската сениорска репрезентација и ќе го носи националниот дрес во августовскиот ФИБА-прозорец. Македонија ја очекува важен натпревар против Австрија во Виена, а еден од најдобрите македонски кошаркари има големи амбиции пред новиот репрезентативен циклус.
Димитријевиќ добро ја познава австриската селекција и очекува незгоден натпревар.
- За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра „ран ен ган“ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се подготвиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа, вели македонскиот репрезентативец.
Во составот на Македонија има и ново решение под кошевите. По повредата на Итан Хап, во националниот тим пристигнува Мозес Рајт, од кого се очекува да донесе дополнителен квалитет и физичка сила. Димитријевиќ верува дека со него може да изгради одлично партнерство.
- Претходно, Итан Хап го имавме како сериозен и квалитетен играч, но несреќа беше неговата повреда. Сега го добиваме Мозес Рајт, преквалитетен играч. Се надевам дека ќе бидеме добар тандем и со останатите играчи ќе дојдеме до успех, истакна Димитријевиќ.
Главната цел на Македонија е пласман на следното Европско првенство, а за Димитријевиќ овој циклус има дополнителна тежина. Искусниот бек сака уште еднаш да настапи на Евробаскет со националниот тим и не крие дека ќе даде максимум за да се оствари целта.
- Наша цел е настап на следното Европско првенство, за мене тоа ќе биде последна шанса да играм на еден Еврошампионат со Македонија и ќе дадам сè од себе да го оствариме тоа, порача македонскиот кошаркар.
Со Димитријевиќ повторно во ростерот и со Мозес Рајт како ново решение под кошевите, Македонија ги започнува подготовките во Скопје. Фокусот е ставен на максимална подготовка за гостувањето во Виена и освојување на бодовите кои би биле важен чекор кон посакуваниот пласман на Европското првенство.











