Уште една голема спортска приказна доаѓа од македонското воздухопловство. Mакедонските пилоти се вратија од Приједор, Босна и Херцеговина, со злато и во поединечна и во екипна конкуренција, резултат кој има посебна тежина во силната меѓународна конкуренција.
Раде и Марјан Ивановски се татко и син од аероклубот „Римин ер“, кои постигнаа одличен успех на 21. „Бланик куп“ во Приједор, освојувајќи го златниот медал во екипна конкуренција на Отвореното меѓународно првенство. На натпреварот, кој се одржа на 22 август на аеродромот „Урие“ во Приједор, настапија околу 30 пилоти од повеќе земји. Во силна меѓународна конкуренција, македонскиот тандем покажа искуство, прецизност и одлична координација, заслужено стигнувајќи до највисокото место на пиедесталот.

Но ова злато има посебна тежина. Таткото и синот не само што ја делат љубовта кон летањето туку и заедно го продолжуваат семејниот пат во воздухопловството. Нивната победа е пример како страста, знаењето и искуството можат да се пренесуваат од една генерација на друга.
Раде Ивановски зад себе има повеќе од 14.000 часови летање, што е импресивно искуство и доказ за неговата долгогодишна посветеност на воздухопловството. Марјан, пак, е искусен пилот на моторни авиони и едрилици, а со овој резултат уште еднаш потврди дека припаѓа меѓу најуспешните пилоти од Македонија. За Марјан, „Бланик куп“ има и посебно значење. Во 2016 година, тој беше вкупен победник во поединечна конкуренција, а девет години подоцна, повторно се врати на натпреварот со нов голем успех – овој пат заедно со својот татко.
Успехот на македонските пилоти во Приједор беше надополнет и со победата на Ненад Давидовски од Куманово, кој го освои првото место во поединечна конкуренција на Отвореното меѓународно првенство.
Натпреварот беше посветен на прецизно слетување со едрилица – дисциплина во која секој детаљ е важен, а успехот бара максимална концентрација, техника и искуство. Затоа, резултатите од Приједор се уште една потврда дека македонското воздухопловство има квалитетни и искусни пилоти кои знаат како да го претстават македонското знаме на меѓународната сцена.
(С. Бл.)












