Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли тврдењата на лидерот на Демократската партија (ДС) Срѓан Миливојевиќ дека ќе ја напушти земјата ако ги изгуби изборите.
За време на посетата на винаријата Цветковиќ во Стањево кај Александровац, Вучиќ рече дека нема причина да бега од Србија и ги истакна резултатите од неговата влада.
„Велеа дека ќе избегам, дека ќе се кријам. Зошто да бегам? Затоа што ја подигнавме Србија и ја изградивме како никогаш досега“, рече Вучиќ, пренесоа српските медиуми.
Тој, исто така, ја критикуваше Демократската партија, наведувајќи дека некогаш била голема партија собрана околу бројни интелектуалци, додека денес, според него, е сведена на луѓе како Миливојевиќ.
Вучиќ рече дека опозицијата однапред знае каков ќе биде резултатот од изборите и затоа „кука“.
„Секој затвор во Србија ми е поубав од сонцето на кое било друго место во светот. Немам ништо никаде, ни куќа, ни вила, ни пари, ни отворени сметки. Ме интересира само мојата Србија. Роден сум во неа, ќе умрам во неа, борејќи се за неа“, рече тој.
Зборувајќи за положбата на Србите на Косово, Вучиќ рече дека Србија ќе ги употреби сите дипломатски и мирни средства за да го заштити своето население.
„Во овој момент не ни е потребен конфликт со НАТО, но нема да дозволиме погром и протерување на нашето население“, рече тој.
Вучиќ денес е во обиколка на расинскиот округ, а планирани се и посети на Трстеник, Крушевац, Варварин и Чиќевац.












