Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) добива современи лабораториски, метеоролошки и хидролошки капацитети, со инвестиции реализирани во изминатите две години. Во рамки на ИПА-проектот за Секторот за квалитет на води е набавена современа лабораториска опрема во вредност од 671.000 евра.

Директорот на УХМР, Игор Лазаровски, информираше дека со буџетски средства се реновирани и адаптирани околу 200 квадратни метри лабораториски простор. Дополнително, целосно е реконструиран простор од 200 квадратни метри за нов прогностичко-синоптички центар. Инвестицијата вредна околу 250.000 евра е обезбедена со средства од швајцарската влада, со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Со проектот УХМР доби и две возила во вкупна вредност од околу 70.000 евра, со што се зајакнати теренските капацитети.

На Зајчев Рид се реконструирани повеќе од 400 квадратни метри простор, при што е заменет подот и е поставено ново осветлување со ЛЕД-панели. Целосно е дигитализиран и метеоролошкиот радар во Ѓуриште, а реновирани се и објектите на УХМР во Охрид, Прилеп и Битола. Според Лазаровски, инвестициите овозможуваат посовремено следење на атмосферските процеси, подобра детекција на опасни временски појави и поефикасни системи за рано предупредување.

Премиерот Христијан Мицкоски ги оцени резултатите како импресивни и најави целосна поддршка за натамошниот развој на УХМР. Како клучен предизвик го посочи обезбедувањето стручен кадар кој ќе може целосно да ја искористи новата опрема и да обезбеди квалитетни податоци за креирање стратегии и политики.

 

ИЗДВОЕНИ