среда, јули 29, 2026
Дома СВЕТ Зеленски: На Украина ѝ се потребни ракети „Патриот“ за да избегне катастрофа...

Зеленски: На Украина ѝ се потребни ракети „Патриот“ за да избегне катастрофа во текот на зимата

81
Фото: EPA/OLIVIER MATTHYS

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека за време на состанокот во Белата куќа во вторник, побарал од американскиот претседател Доналд Трамп „итна зимска помош“ од 300 пресретнувачки ракети за американските системи за воздушна одбрана „Патриот“ за заштита на енергетската инфраструктура од руски напади, објави американската веб-страница „Аксиос“.

Без нови испораки пред зимата, руските напади би можеле да уништат електрани, да остават милиони Украинци без греење и да предизвикаат хуманитарна криза, рече тој.

Зеленски рече дека залихите на ракети во Украина се речиси исцрпени бидејќи Украина е поранлива на руските балистички ракети.

Тој рече дека Трамп се согласил да продолжи со подготовката на договор за лиценцирање според кој Украина ќе произведува ракети „Патриот“ и со тоа ќе ја намали својата зависност од американските залихи.

Зеленски додаде дека Трамп ветил дека САД ќе се обидат да му помогнат на Киев иако американските залихи се ограничени од војната со Иран.

По состанокот во Белата куќа во вторник, украинскиот претседател се сретна со претставници на американските компании „Локид Мартин“ и „Рејтеон“, производителите на ракетите „Патриот“. Тие, исто така, разговараа за адаптирање на украинските балистички ракети во пресретнувачи на ракети, што се смета за „побрзо и поевтино“ решение.

Зеленски рече дека нападите на Украина со долг дострел врз руската нафтена и логистичка инфраструктура го подобриле неговиот однос со Трамп, кој го опиша како „многу подобар и поконструктивен“ од претходно.

Украинскиот претседател рече дека американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф би можеле да дојдат во Киев во следните две недели за да разговараат за евентуално продолжување на мировните преговори, но рече дека е малку веројатно рускиот претседател Владимир Путин да биде подготвен да прифати прекин на огнот, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ