среда, јули 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Случај Гостивар: Заразата од водата се смирува, се очекува до крајот на...

Случај Гостивар: Заразата од водата се смирува, се очекува до крајот на неделата да биде и за пиење

0

Состојбата со епидемијата во Гостивар се смирува, во болницата и во амбулантата се пријавиле 71 новозаболени од кои, според здравствените власти, веќе мал дел се заразени од градскиот водовод.

„Сметаме дека настанува смирување на состојбата со епидемијата, до формален крај би дошле кога веќе нема да има случаи поврзани со градскиот водовод, според направените епидемиолошките анкети. Ваквото подобрување е поради прочистувањето на водата и оспособувањето како техничка. До крајот на неделата се очекува водата да се користи и за пиење, односно кога сите чешми ќе бидат негативни, тогаш ќе се дозволи за пиење и готвење“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.

Опозицијата уште еднаш ги побара анализите од испитаната вода за која Кризниот штаб вели дека е технички исправна.

„ Прашањето останува исто: Кој ќе потпише дека водата е за пиење? Кој ставил потпис и печат на извештајот за техничка исправност? Кој ќе одговара кривично ако повторно го отруете целиот град? Ја отрувте цела Македонија. Седум града“, велат од СДСМ и повторно побараа одговорности од власта.

Во моментов, водата во Гостивар во моментов останува да се користи исклучиво како техничка и сè уште нема насоки дека е безбедна за пиење и готвење, бидејќи по извршеното хиперхлорирање е утврдено дека фекалните бактерии се целосно отстранети од мрежата, но поради долгото некористење и силното прочистување на инсталациите, сега во цевките се појавила нова резидуална бактерија (преостанато бактериско загадување),  изјави  премиерот Христијан Мицкоски, по разговорот кој го остварил со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој вели дека активно се работи на терен и се очекува проблемот да биде надминат во најбрз можен рок.

„Со хиперхлорирањето, бактериите се појавиле во самите инсталации, очекувам и овој предизвик да биде надминат и откако ќе биде надминат, тогаш очекувам водата да се одобри за пиење и за користење“, кажа Мицкоски.

Во однос на обвинувањата од опозицискиот СДСМ оти власта задоцнила со реакцијата во Гостивар и нивните барања за одговорност, Мицкоски рече дека ваквите критики доаѓаат од човек за време на чиј мандат изгореа живи луѓе во модуларната болница во Тетово и кој е рекордер по бројот на починати од ковид 19, бидејќи наместо навремено да обезбеди вакцини, фокусот му бил на пи-ар и кампањи и дека во 2021 година, кога актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, беше министер за здравство, имало преку 400 официјални пријави за неквалитетна вода во градот.

„Истата личност што денеска излегува во името на СДСМ беше директор на ИЈЗ, имаме преку 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар. Ништо не е преземено, нула, јас го повикувам Обвинителството да ги провери овие наводи за кои зборувам и да почне постапка зошто овие луѓе кога имале можност не преземале ништо и не го заштитиле здравјето на Гостиварци, туку и на граѓаните во другите општини. Обвинителството мора да постапи по оваа информација и очекувам денес да влезат во ИЈЗ, АХВ и да ги провери овие наводи“, изјави премиерот.

Водата од градските чешми во Гостивар веќе еден месец е загадена. Истрагата што ја води Основното јавно обвинителство – Гостивар ги сомничи поранешната в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ Артана Асани, техничкиот раководител на Секторот за технички работи, Леон Нуредини, и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Дервиши. Осомничени се за кривично дело тешки дела против животната средина и природата, сторено со загадување на вода за пиење. Според сомнежите на Обвинителството, на 25 јуни наложиле поставување на три потопни пумпи во канал со површинска вода за да се тестира притисокот, а при увидот на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле и префрлале загадена вода во системот за водоснабдување. Лабораториските анализи на примероци извршени откако се презедоа предистражните дејства покажаа присуство на високи концентрации на колиформни бактерии и поголемо количество хлор, поради што водата беше забранета за употреба. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ