И покрај напредокот на современата медицина, болничките инфекции и натаму се меѓу најсериозните предизвици за здравствените системи. Епидемиологот д-р Сашко Очумчев, автор на книгата „Интрахоспитални инфекции“, предупредува дека превенцијата, строгите хигиенски мерки и рационалната употреба на антибиотици се клучни за заштита на пациентите. Во интервју за ВЕЧЕР, тој зборува за најчестите болнички инфекции, опасноста од мултирезистентните бактерии и за лекциите што ги научивме од пандемијата со ковид-19. Посочува дека безбедноста на пациентот е одговорност на целиот здравствен тим, но и на самите пациенти и нивните семејства. Неговата порака е дека секоја спречена инфекција значи спасен човечки живот

Иако денес располагаме со современа медицинска технологија, нови дијагностички методи и со моќни антибиотици, болничките инфекции и понатаму претставуваат еден од најголемите предизвици за современата медицина. Неодамна излезе од печат „Интерхоспитални инфекции“ на магистер д-р Сашко Олумчев. Се работи за прва книга од медицинската пенталогија од областа на епидемиологијата, микробиологијата, заразните и тропските болести на нашиот познат епидемиолог. Вработен во Центарот за јавно здравје, подрачна единица Гевгелија, тој е лекар со долгогодишно клиничко искуство и посветеност на превенцијата и контролата на интрахоспиталните инфекции. Неговата мисија, како што вели самиот, е унапредување на безбедноста на пациентот преку образование, истражувања и практична примена на современите стандарди. За читателите на ВЕЧЕР, разговаравме за неговата книга и за нејзиното значење.

*Што ве поттикна да ја напишете книгата „Интрахоспитални инфекции“?

– Пред сè, желбата да придонесам за унапредување на безбедноста на пациентите и на квалитетот на здравствената заштита. Како специјалист по епидемиологија, повеќе од дваесет години работам во областа на превенцијата и контролата на заразните заболувања и секојдневно сум сведок колку големо влијание имаат интрахоспиталните инфекции врз здравјето на пациентите. Иако денес располагаме со современа медицинска технологија, нови дијагностички методи и со моќни антибиотици, болничките инфекции и понатаму претставуваат еден од најголемите предизвици во современата медицина. Тие не се проблем само во земјите со послаб здравствен систем туку и на најразвиените светски клиники. Во нашата стручна литература недостигаше едно современо и сеопфатно дело што ќе ги опфати сите аспекти на оваа проблематика: од микробиологијата и епидемиологијата, преку клиничките манифестации, до превенцијата, контролата и антибиотската резистенција. Токму затоа се роди идејата за оваа книга. Во неа се обидов да ги обединам најновите препораки на Светската здравствена организација, Европскиот центар за превенција и контрола на болести, центрите за контрола и превенција на болести на САД, како и сопственото професионално искуство. Моја желба е оваа книга да биде практичен водич за лекарите, медицинските сестри, студентите по медицина и за сите здравствени работници што секојдневно се грижат за пациентите.

*Што, всушност, претставуваат интрахоспиталните инфекции и каков проблем создаваат при лекувањето во болнички услови?

– Интрахоспиталните инфекции се инфекции што ги стекнува пациентот во текот на лекувањето во здравствена установа, а не биле присутни, ниту биле во период на инкубација при приемот во болница. Тоа значи дека пациентот дошол да се лекува од една болест, а во текот на престојот развил нова инфекција. Овие инфекции може да се појават и неколку дена по приемот, но и по отпуштањето од болница, особено кај хируршките пациенти. Покрај пациентите, може да ги зафатат и здравствените работници. Последиците се многубројни. Тие го продолжуваат времето на лекување, ја зголемуваат потребата од дополнителни операции и интервенции, доведуваат до употреба на поскапи антибиотици, ги зголемуваат финансиските трошоци на здравствениот систем и, што е најважно, може да бидат причина за сериозни компликации и смрт. Затоа денес интрахоспиталните инфекции не се сметаат само за медицински проблем туку и за значаен индикатор за квалитетот и безбедноста на здравствената заштита.

*Кои се најчестите видови интрахоспитални инфекции и кои се патиштата на нивни пренос во болничка средина?

– Најчесто се среќаваат инфекциите на уринарниот тракт кај пациентите со уринарни катетери, инфекциите на оперативните рани, пневмониите кај пациентите што се на механичка вентилација и инфекциите на крвотокот поврзани со поставувањето венски катетери. Во последните години, значителен проблем претставуваат и гастроинтестиналните инфекции предизвикани од Clostridioides difficile, кои најчесто се јавуваат по долготрајна употреба на антибиотици. Што се однесува до преносот, најважен пат на пренос се рацете. Можеби звучи едноставно, но токму преку недоволно дезинфицираните раце најчесто се пренесуваат микроорганизмите од еден пациент на друг. Покрај тоа, инфекциите може да се пренесат преку медицински инструменти, инвазивни процедури, контаминирани површини, респираторни капки, па дури и преку воздух кај одредени инфекции. Затоа денес постои едно правило што важи во секоја современа болница: секој пациент се смета за потенцијален извор на инфекција, а секој здравствен работник мора постојано да ги применува стандардните мерки на претпазливост.

*Каков е современиот пристап на превенирање и спречување на ваквите инфекции?

– Современата медицина одамна сфати дека најуспешен третман е превенцијата. Денес контролата на интрахоспиталните инфекции се базира на системски пристап што опфаќа повеќе елементи. Тоа почнува со правилна хигиена на рацете, која Светската здравствена организација ја смета за најважна и најефикасна мерка. Потоа следуваат стерилизацијата и дезинфекцијата на инструментите, правилната подготовка на оперативното поле, изолацијата на пациенти со мултирезистентни микроорганизми, рационалната употреба на антибиотици, постојаната едукација на персоналот и активниот епидемиолошки надзор. Во современите болници сè повеќе се применуваат дигитални системи за следење инфекции, брза молекуларна дијагностика, автоматизирани системи за микробиолошко тестирање и програми за управување со антибиотската терапија. Контролата на инфекциите денес претставува работа на цел тим: лекари, медицински сестри, микробиолози, епидемиолози, фармацевти, хигиеничари и болнички менаџмент.

*Како се следи и контролира појавата на инфекции во болниците и дали може да придонесат посетителите за нивно спречување?

– Апсолутно. Во секоја современа здравствена установа постои систем за епидемиолошки надзор, кој континуирано ги следи сите инфекции, ги анализира причините за нивната појава и предлага конкретни мерки за нивно спречување. Секоја необична појава веднаш се анализира, се земаат микробиолошки примероци, се идентификува изворот и се преземаат мерки за да не дојде до понатамошно ширење. Но, контролата на инфекциите не завршува со здравствените работници. И посетителите имаат огромна одговорност. Тие треба да ги мијат и дезинфицираат рацете при влегување и излегување од болничките одделенија, да не доаѓаат во посета доколку имаат симптоми на настинка или грип, да ги почитуваат правилата за носење заштитна опрема и да не внесуваат непотребни предмети во болничките соби. Контролата на инфекциите е заедничка обврска на сите.

*Колку е сериозен проблемот со антибиотската резистенција и зошто се проблем мултирезистентните микроорганизми?

– Антибиотската резистенција денес претставува еден од најголемите глобални здравствени предизвици. Светската здравствена организација ја вбројува меѓу десетте најголеми закани за јавното здравје во 21 век. Доколку продолжи сегашниот тренд на неконтролирана употреба на антибиотици, постои реална опасност повторно да се соочиме со инфекции што некогаш лесно се лекуваа, а денес може да станат смртоносни. Кога зборуваме за мултирезистентните микроорганизми, мислиме на бактерии што развиле отпорност кон повеќе групи антибиотици истовремено. Тоа значи дека лекарите имаат многу ограничен избор на терапија, а понекогаш остануваат само неколку антибиотици што се ефикасни, а во одредени случаи и ниту еден антибиотик, што е навистина проблем. Последиците се сериозни. Пациентите остануваат подолго во болница, имаат поголем ризик од компликации, потреба од скапи лекови, а смртноста значително се зголемува. Освен здравствените последици, антибиотската резистенција претставува и огромен економски товар за секој здравствен систем. Затоа денес не зборуваме само за борба против инфекциите туку и за зачувување на ефикасноста на антибиотиците за идните генерации. Тоа е заедничка одговорност на лекарите, пациентите, фармацевтите, ветеринарите и на целото општество.

*Кои бактерии најчесто покажуваат отпорност на антибиотици и како влијае неправилната употреба на антибиотици врз појавата на резистентни инфекции?

– Во болничка средина, најголем проблем претставуваат таканаречените мултирезистентни бактерии. Најчесто тоа се Staphylococcus aureus отпорен на метицилин, познат како MRSA, ванкомицин-резистентните ентерококи, карбапенем-резистентните Klebsiella pneumoniae, Acinetobacter baumannii, Pseudomonas aeruginosa и одредени соеви на Escherichia coli, кои продуцираат ензими што ги инактивираат антибиотиците. Она што најмногу загрижува е што најголем дел од оваа резистенција е последица на човековото однесување. Кога се земаат антибиотици без лекарска препорака, кога пациентот сам ја прекинува терапијата веднаш штом ќе се почувствува подобро или кога се користат антибиотиците за лекување вирусни инфекции, се создава силен селективен притисок. Најотпорните бактерии преживуваат, се размножуваат и постепено стануваат доминантни. Често им објаснувам на пациентите дека антибиотиците се како многу моќно оружје. Ако го користиме непотребно или неправилно, со текот на времето тоа оружје ја губи својата ефикасност. Затоа секој антибиотик треба да се користи само кога навистина е потребен, во правилна доза и доволно долго, исклучиво по препорака на лекар.

*Какви лекции научивме од пандемијата со ковид-19 во однос на контролата на инфекциите?

– Пандемијата со ковид-19 беше едно од најголемите искушенија за современата медицина, но истовремено и огромна лекција. Пред сè, научивме дека инфекциите не познаваат граници. За само неколку недели, вирусот се прошири низ целиот свет, покажувајќи колку се важни глобалната соработка и навремената размена на информации. Втората важна лекција е дека наједноставните мерки најчесто се и најефикасни. Правилното миење и дезинфекција на рацете, употребата на лична заштитна опрема, изолацијата на пациентите и добрата организација на болничките одделенија спасуваат илјадници животи. Пандемијата ја нагласи и огромната улога на епидемиологијата, лабораториската дијагностика и на надзорот над заразните заболувања. Без навремено откривање на случаите, следење на контактите и континуирано следење на состојбата, невозможно е успешно да се контролира една епидемија.

Научивме и дека вакцинацијата претставува едно од најголемите достигнувања на медицината. Благодарение на вакцините, беа спасени милиони човечки животи. На крајот, ковид-19 нè научи дека здравствените системи мора постојано да инвестираат во кадарот, опремата, лабораториите, едукацијата и во подготвеноста за идни епидемиски настани.

*Која е најголемата заблуда што ја имаат пациентите за болничките инфекции?

– Мислам дека најголема заблуда е верувањето дека секоја болничка инфекција е резултат на нечистотија или на нечија професионална грешка. Секако, постојат инфекции што може да се спречат и затоа континуирано работиме на подобрување на безбедноста. Но, мора да бидеме реални и да кажеме дека современата медицина денес лекува пациенти што пред неколку децении немале шанса да преживеат. Тоа се пациенти со тешки операции, трансплантации, онколошки заболувања, тешки повреди или ослабен имунитет. Кај овие пациенти, никогаш не може целосно да се елиминира ризикот, дури и кога се применуваат сите светски стандарди. Друг мит е дека антибиотикот секогаш може да ја реши инфекцијата. Денес, поради зголемената резистенција, тоа повеќе не е точно. Затоа превенцијата секогаш е многу поважна од лекувањето. Би сакал пациентите да знаат дека огромното мнозинство здравствени работници секојдневно вложуваат максимални напори за да ги заштитат од инфекции. Контролата на инфекциите е континуиран процес, кој бара дисциплина, знаење и тимска работа.

*Која е Вашата најважна порака до пациентите и до здравствените работници во однос на интрахоспиталните инфекции?

– Мојата порака е едноставна, но многу важна: секоја болничка инфекција што може да се спречи е една инфекција помалку. Безбедноста на пациентот мора да биде приоритет во секоја здравствена установа. Таа почнува со правилна хигиена на рацете, почитување на протоколите, рационална употреба на антибиотиците и со постојана едукација на здравствениот персонал. На моите колеги би им порачал дека никогаш не завршува борбата против интрахоспиталните инфекции. Тоа не е работа само на епидемиологот или на инфектологот. Во неа учествуваат сите: лекарите, медицинските сестри, микробиолозите, хигиеничарите, фармацевтите, менаџментот, па дури и пациентите и нивните семејства. Само ако функционираме како еден тим, можеме да постигнеме најдобри резултати.

До пациентите би упатил порака да не се плашат да поставуваат прашања, да се информираат, да ги почитуваат терапијата и препораките на здравствените работници и активно да учествуваат во сопственото лекување. Информираниот пациент е важен партнер во здравствената заштита. И на крај, би сакал да истакнам дека книгата „Интрахоспитални инфекции“ не е само научна публикација туку и мој личен придонес во унапредувањето на културата на безбедност во здравствените установи. Искрено верувам дека секое ново знаење, секоја правилно измиена и дезинфицирана рака, секој рационално препишан антибиотик и секоја навремено спречена инфекција претставуваат спасен човечки живот. Токму затоа превенцијата не е само професионална обврска туку и највисок израз на одговорност и хуманост во медицината.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

 

 

ИЗДВОЕНИ