понеделник, февруари 16, 2026
Дома СКОПСКА Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ ќе ја кити елката над село...

Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ ќе ја кити елката над село Глуво

1060

Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ и годинава по трет пат ќе го организира традиционалното новогодишно китење на елката која се наоѓа на дел од патеката на далеководите над селото Глуво.

Доколку временските прилики се поволни и не врне дожд, турата и китењето на елката ќе се реализира на 15 декември, в недела, во спротивно ќе се пролонгира за наредната недела, на 22 декември, 2024 година.

-Стартот на турата ќе биде од селото Глуво и ако има услови ќе се движиме до Марков камен на надморска височина од 670 метри и потоа назад кон елката која ќе ја китиме. Се работи за лесна тура бидејќи има 200 метри благо искачување и е идеална за почетници планинари и секој рекреативец. Патеката ќе биде долга 7 километри – објаснуваат од здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

Затоа, пожелно е секој учесник да донесе некој украс. При тоа, предност ќе имаат рачно изработени украси, иако новогодишни украси здружението има и од претходните години.

-За да ги испочитуваме еколошките услови на теренот по новогодишните и верските празници повторно ќе ја откитиме елката. Бидејќи е во природа, редовно со китењето на елката за да не дојде некое диво животно и да направи беља оставаме и овошје под елката. Минатата година оставивме јаболка и моркови и дел беа изедени од поситно диво животно – објаснуваат од здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

Оттаму препорачуваат сите оние што сакаат да присуствуваат на оваа тура и китењето на елката да ги следат објавите на фејсбук групата „Убавините на Скопска Црна Гора“ каде ќе бидат споделени детали за турата.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ