
Македонската делегација продолжува со интензивни активности во Њујорк во рамките на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Премиерот Христијан Мицкоски оствари повеќе средби и учествуваше на состаноци посветени на европската перспектива и меѓународната соработка. Се очекува Мицкоски в петок да се обрати пред Генералното собрание на ОН. Во меѓувреме, сопругата на премиерот Мицкоски, Рози Мицкоска, присуствуваше на приемот организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп, за сопругите на светските лидери
Активностите на македонската делегација во Њујорк продолжуваат во рамките на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, со серија средби и разговори посветени на европската перспектива на земјата, регионалната и меѓународната соработка. Премиерот Христијан Мицкоски, преку социјалните мрежи, посочи дека целта на оваа сесија на ГС на ОН е поттикнување заедничка акција за мир, достоинство и еднаквост.
– Осумдесет и првата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации со светските лидери, со цел повторно зајакнување на глобалната соработка, давање клучен поттик на Целите за одржлив развој и поттикнување заедничка акција за мир, достоинство и еднаквост на здрава планета, објави Мицкоски на „Фејсбук“.
Во меѓувреме, сопругата на премиерот Мицкоски, Рози Мицкоска, присуствуваше на приемот организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп, за сопругите на светските лидери.
Приемот беше организиран во рамките на иницијативата на Меланија Трамп, „Заедничко градење на иднината“ (Fostering the Future Together), чија цел е да им даде поддршка на децата и младите, истовремено создавајќи нови можности за нивниот развој и образование.
– Заедно, ние претставуваме прекрасен спој на култури, јазици, истории и традиции. Сите сме обединети околу една вечна вистина: иднината на нашиот свет ќе биде одредена од она што го правиме денес за нашите деца, порача првата дама на САД на приемот за сопругите на шефовите на држави и влади што учествуваат на Генералното собрание на ОН.
Македонската делегација предводена од премиерот, вчера, во Њујорк, учествуваше на состанокот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан. Беше најавено дека состанокот ќе го води високата претставничка за заедничка безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Каја Калас. Во пресрет на состанокот, македонскиот премиер Мицкоски повика на вклучување претставници на ЕУ со цел подобрување на дијалогот за разликите со Бугарија.
Премиерот Мицкоски, исто така, информира дека доаѓаат позитивни сигнали од Европската Унија, особено по самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тиват кога од Германија и Франција произлезе иницијатива за реформи во процесот на проширување.
Мицкоски оствари средба и со словенечкиот премиер Јанез Јанша, со кого разговарале за европската перспектива на Македонија, за продлабочување на политичката и на економската соработка меѓу двете држави, како и за актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа и регионот.
– Македонија останува цврсто посветена на европската иднина и на реформите што носат подобар живот за граѓаните. Нашиот став е јасен – европската интеграција мора да се темели на заслуги, исполнети критериуми и реални резултати, а не на нови билатерални условувања, кои немаат суштинска врска со европските вредности. Не бараме привилегии и не бараме пократок пат. Бараме фер и предвидлив процес во кој постигнатото ќе се вреднува, а Македонија ќе биде почитувана како држава и партнер, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Мицкоски нагласи дека Словенија е наш долгогодишен пријател и важен партнер во Европската Унија и НАТО.
– Заеднички интерес е ова пријателство да го преточиме во уште посилна економска соработка, повеќе инвестиции и конкретни проекти, кои ќе создаваат нови можности за граѓаните и стопанството. Македонија нема да стои во место додека го чекори европскиот пат. Ќе продолжиме да ја развиваме економијата, да ги спроведуваме реформите, да ги зајакнуваме нашите меѓународни партнерства и достоинствено да ги браниме македонските национални интереси. Градиме пријателства, создаваме можности и работиме Македонија да биде економски посилна и почитувана држава, посочи Мицкоски.
Во Њујорк продолжуваат и активностите на останатите членови на делегацијата, меѓу кои и вицепремиерот Беким Сали и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
– За време на престојот во Соединетите Американски Држави, министерот Сали ќе учествува на средби и активности со претставници на меѓународните институции и со партнерите на земјата, со фокус на европската перспектива на Северна Македонија, регионалната соработка, одржливиот развој и создавањето подобри можности за идните генерации, посочуваат од Кабинетот на министерот за европски прашања.
Муцунски, пак, во Њујорк се сретна со министерката за надворешни работи на Канада, Анита Ананд, со која разговарале за навршувањето на 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и ја потврдиле „цврстата основа на македонско-канадското партнерство и заедничкиот интерес за негово натамошно продлабочување“.
Премиерот Христијан Мицкоски присуствува и на самитот на партнери за мултилатерализам, организиран од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, заедно со лидерите на Кенија и Канада, Вилијам Руто и Марк Карни.
На самитот присуствува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и лидерот на Австралија, Ентони Албанезе, министрите за надворешни работи на Индија и Бразил, српскиот претседател Александар Вучиќ и други светски лидери.
Сесијата на Генералното собрание ја отворија генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутиереш, како и претседателот на Генералното собрание, Калилур Рахман, од Бангладеш. Од светските лидери, традиционално прв се обрати бразилскиот претседател Лула Игнасио да Силва, а веднаш по него следуваше обраќањето на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Мицкоски, според најавената агенда, се очекува в петок да има свое обраќање пред Генералното собрание на ОН. (В. С. Н.)











