недела, ноември 8, 2026
Дома СКОПСКА Нови инвестиции во пумпните станици на Општина Илинден

Нови инвестиции во пумпните станици на Општина Илинден

44

Со цел унапредување на водоснабдувањето, зголемување на сигурноста на системот, намалување на потрошувачката на електрична енергија и оптимизација на водоводната инфраструктура, Општина Илинден реализираше низа инвестиции во современа опрема за пумпните станици и резервоарите на ЈКП „Водовод“ – Илинден.

-Во препумпната станица Бунарџик инсталирани се две нови вертикални пумпи, со моќност од по 18 kW, наменети за препумпување на водата кон резервоарите во населените места Ајватовци и Бучинци. Истите се управувани преку индивидуални фреквентни регулатори, што претставува значително унапредување во начинот на функционирање на препумпната станица. Извршена е и целосна промена и преадаптација на електричната инсталација, при што со реализација на овие активности се надминати долгогодишните технички ограничувања и се создадени услови за посигурно и поефикасно водоснабдување – соопштија од Општина Илинден.

Оттаму информираат дека во пумпната станица во населеното место Јурумлери, која има значајна улога во водоснабдувањето на населените места на територијата на општините Илинден, Гази Баба и Петровец, била набавена и монтирана нова пумпа со моќност од 30 kW.

-Пумпата е опремена со индивидуален фреквентен регулатор, со што се овозможува делумна автоматизација и подобра контрола на нејзината работа – наведуваат од Општината.

За пумпната станица ОКТА во Јурумлери, пак била набавена потопна потисна пумпа со моќност од 23 kW во собирниот колектор, чија работата е комплетно автоматизирана и управувана со фрекфрентна регулација.

-Со набавката на оваа пумпа се обезбедува континуиран притисок во цевководот и заштита на постоечката механичка и електрична инсталација од хаварија. Исто така, извршена е замена на нисконапонски прекинувачи во Трафостаницата ОКТА која е дел од пумпната станица- нагласуваат од локалната самоуправа.

ИЗДВОЕНИ