Летото помина, но по улиците на Скопје сè уште се шири мирис од исцедокот од камионите со кои ЈП „Комунална хигиена“ го собира отпадот. Можеби, кога ќе залади, тој ќе се намали, но проблемот секое лето останува нерешен. На скопјани не им останува ништо друго, освен да реагираат, да се жалат на социјалните мрежи и да ја трпат миризбата, бидејќи години наназад никој од надлежните не се заангажира да им стави крај на маките на граѓаните. „Камионите за отпад зад себе оставаат истечени непријатни течности и расфрлано ѓубре, што резултира со непрекината миризба, нехигиенски услови и потенцијална опасност за здравјето на граѓаните“, реагираат скопјани. Од ЈП „Комунална хигиена“ тврдат дека континуирано реализираат активности за одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици преку машинско миење, со употреба на автоцистерни, што се одвива во доцните вечерни часови

 

Летото помина, но по улиците на Скопје сè уште се шири мирис од исцедокот од камионите со кои ЈП „Комунална хигиена“ го собира отпадот. Можеби, кога ќе залади, тој ќе се намали, но проблемот секое лето останува нерешен. На скопјани не им останува ништо друго, освен да реагираат, да се жалат на социјалните мрежи и да ја трпат миризбата, бидејќи години наназад никој од надлежните не се заангажира да им стави крај на маките на граѓаните.

Сè уште стојат расфрлани остатоци од органски отпад околу контејнерите и од камионите на ЈП „Комунална хигиена“ сè уште се цедат течности по улиците, од скапаните овошки и зеленчук што граѓаните претходно ги фрлиле, се шири смрдеа на расипано месо, скиснато млеко.

Граѓаните се гневни поради неажурноста на надлежните и негодуваат дека кога се собира ѓубрето, независно од тоа дали станува збор за чистење на индивидуалните канти за смет или, пак, за контејнерите, од камионите на јавното претпријатие задолжено за одржувањето на хигиената во градот постојано истекува отпад, кој, покрај тоа што неподносливо смрди, остава траги по улиците и булеварите, но најмногу околу садовите за отпад, бидејќи, при собирањето на ѓубрето, камионите најмногу се задржуваат на тие места.

Состојбата е идентична во сите скопски општини, а граѓаните бараат од надлежните доколку не можат да ѝ стават крај на ваквата појава, барем да вршат редовно миење и дезинфицирање на садовите за отпад, но и на улиците, булеварите, но и на паркиралиштата каде што има постaвeно контејнери и на местата по кои поминуваат камионите на ЈП „Комунална хигиена“, од кои се цеди отпад што шири неподнослива смрдеа.

– Камионите за отпад зад себе оставаат истечени непријатни течности и расфрлано ѓубре, што резултира со непрекината миризба, нехигиенски услови и потенцијална опасност за здравјето на граѓаните. За да се надмине оваа состојба, бараме општината и надлежното комунално претпријатие итно да воведат: задолжително чистење и миење на паркинзите и на улиците веднаш по поминувањето на камионите за собирање ѓубре – децидни се аеродромци.

Тие воедно бараат технички преглед и сервисирање на камионите за да се спречи истекувањето на отпадните течности од нивните резервоари, потоа поголема внимателност од страна на работниците при празнењето на контејнерите за да не се расфрла ѓубре околу нив.

Други граѓани, пак, апелираат да не се фрлаат манџи, скапано овошје и зеленчук и, конечно, да се почне со селектирање на отпадот.

– За кади и душеци да не зборуваме – потенцираат тие.

Трети, пак, сметаат дека не помага и тоа двапати во денот да се празнат контејнерите, кога тече исцедок по улиците и додаваат дека доколку сите внимаваат каков отпад фрлаат, нема да истекува ништо од контејнерите.

– Улиците треба да се мијат наутро, но ако се фрлаат во контејнерите секакви течни отпадоци од манџи, овошје и што ли уште не, при празнење на контејнерите, повторно ќе се растече леплива смеса – додаваат тие.

Наведуваат дека сите контејнери треба да бидат со капак, кој се подига со нагазување на педалот, за да не се полни контејнерот со вода кога е врнежливо времето.

– Ова важи и за хигиената и чистотата низ цел град. Никој не може да го исчисти градот ако многумина постојано фрлаат секакви отпадоци по улиците и тротоарите наместо во канти за отпадоци – децидни се одредени граѓани.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека во летниот период редовно ги мијат микролокациите каде што се поставени садовите наменети за фрлање отпад.

Образложуваат дека појавата на цедење течност од камионите е резултат на несоодветното пакување на фрлениот органски отпад во поставените садови. Притоа, апелираат органскиот отпад да се пакува во двојни ќеси за да не дојде до протекување течност во контејнерите или во специјалните комунални возила што го транспортираат отпадот.

– ЈП „Комунална хигиена“ континуирано реализира активности за одржување на јавната хигиена на скопските булевари и улици преку машинско миење, со употреба на автоцистерни, што се одвива во доцните вечерни часови – децидни се од претпријатието.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ