Пензионерите се во голема неизвесност. Само десетина дена пред исплатата на зголемената септемвриска пензија, тие сè уште не знаат колкаво ќе биде зголемувањето, ниту дали тоа ќе биде процентуално или линеарно. Поради тоа, Партијата на пензионерите упати отворено писмо до Фондот за ПИОМ, во кое бара воспоставување јасен, временски определен и транспарентен механизам за пресметување и објавување на процентот на усогласување на пензиите согласно со член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Имајќи предвид дека процентот на усогласување треба да произлегува од законски утврдена формула и официјални статистички податоци, од Партијата на пензионерите сметаат дека тој треба да биде резултат на доследна и транспарентна примена на законот, а не на јавни процени, најави и неофицијални информации.
– Предлагаме, по обезбедувањето на потребните официјални статистички податоци, Фондот за ПИОМ веднаш да ја изврши пресметката и најдоцна во рок од три работни дена да го објави конечниот процент на усогласување, заедно со податоците и формулата врз основа на кои е пресметан. Така пензионерите ќе добијат навремена, официјална и проверена информација, наместо да се потпираат на неофицијални процени и најави, за весникот ВЕЧЕР изјави Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери.
Од Партијата на пензионерите бараат Државниот завод за статистика навремено да ги објавува податоците потребни за пресметката, за да се избегне одлагање и за да се воспостави јасен редослед – од објавување на статистичките податоци, преку пресметката во Фондот за ПИОМ, до официјалното објавување на процентот на усогласување. Од Партијата сметаат дека овој механизам треба трајно да се институционализира, со јасно утврдени рокови и одговорности на институциите. Затоа бараат Управниот одбор на Фондот да го разгледа предлогот и да иницира соодветни измени до Владата и до надлежното министерство, со цел да се обезбеди поголема транспарентност, правна сигурност и предвидливост, а пензионерите навремено да знаат како е утврдено усогласувањето на нивните пензии.
Николовски појаснува дека линеарното зголемување на пензиите првпат е применето во 2012 година и до 2017 година се применуваше еднаш годишно, односно пензиите обично се зголемуваа пред избори.
– Кај пензионерите сè уште владее неизвесност и не знаат за колкав процент ќе се зголемат септемвриските пензии, кои треба да ги добијат за десетина дена. И зголемувањето треба да биде според швајцарски модел, односно пензиите да се усогласуваат двапати годишно во однос зголемувањето на трошоците на живот и просечната плата. Тој однос кај нас е 50:50, а во некои други е модифициран процентот и изнесува 60:40 во корист на пензионерите, појаснува Николовски.
Според него, доколку државата сака да им помогне на пензионерите, може да го направи тоа на поинаков начин преку бесплатно лекување, 13 пензија, социјална карта, бањско лекување… а не преку линеарно зголемување.
– Деновиве, повторно се отвора прашањето за најавеното есенско покачување на пензиите и дали тоа ќе биде процентуално или линеарно. Сметам дека треба да се направи јасна разлика меѓу пензиското право и социјалната помош. Пензијата е стекнато право врз основа на стажот, платите и придонесите што биле уплаќани во текот на работниот век. Ако двајца пензионери не плаќале придонеси во ист износ и немаат ист стаж и осигурителни основици, тешко е трајното линеарно зголемување да се смета за целосно правичен начин на усогласување. Тоа не значи дека пензионерите со ниски пензии не заслужуваат помош. Напротив, ако некој со минимална пензија не може достоинствено да ги покрие основните трошоци за живот, државата треба да обезбеди дополнителна социјална и материјална поддршка. Но, таа помош не треба да се обезбедува преку постепено намалување на разликите меѓу пензиите на оние што во текот на работниот век плаќале различни износи на придонеси, напиша Ѓорѓи Мешков, пензионер, на „Фејсбук“.
Тој смета дека солидарноста не треба да значи поништување на стажот, трудот и придонесите врз основа на кои е стекнато пензиското право.
– Ако работник бил оштетен затоа што работодавачот незаконски не му уплаќал придонеси, одговорноста треба да се бара од работодавачот и од институциите што биле задолжени за контрола, а не од другите пензионери, смета тој.
На крајот, прашањето е едноставно како да им помогнеме на пензионерите со најниски примања, а истовремено да го зачуваме принципот дека поголем стаж и поголеми уплатени придонеси треба да имаат соодветно влијание врз пензиското право.
Неизвесноста околу септемвриското зголемување на пензиите повторно го отвори прашањето за начинот на нивното усогласување. Од Партијата на пензионерите бараат системот да биде предвидлив и транспарентен, со јасни рокови и објавени податоци и дека социјалната помош за пензионерите со најниски примања треба да се одвои од пензиското право стекнато врз основа на стажот, платите и уплатените придонеси. Клучното прашање, според нив, е како да им се обезбеди поголема помош на најранливите пензионери, без притоа да се наруши принципот на правичност и предвидливост во пензискиот систем.
(А. С.)












