четврток, септември 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА 34 животи спасени за осум месеци на македонските патишта

34 животи спасени за осум месеци на македонските патишта

„Безбеден град“ и засилените контроли го намалуваат црниот биланс на патиштата

0

Црниот биланс на македонските патишта значително е намален годинава. Во првите осум месеци од 2026 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 62 лица, што е за 34 помалку во споредба со истиот период лани, кога загинале 96 лица. Намалувањето изнесува 35,42 отсто. Уште поголема е разликата кај вкупниот број на настрадани лица. Од јануари до август 2025 година биле регистрирани 4.731 загинати и повредени лица, додека годинава нивниот број е намален на 3.868. Тоа се 863 лица помалку, односно намалување од 18,24 отсто.

Податоците од евиденциите на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека е намален и вкупниот број сообраќајни незгоди. Лани во првите осум месеци биле регистрирани 5.485 незгоди, а годинава 4.840, што претставува пад од 11,76 отсто. Особено е значајно намалувањето на незгодите со смртни последици. Од 82 вакви сообраќајки во 2025 година, бројката годинава е намалена на 54, односно за 28 незгоди или 34,15 отсто. Намалување има и кај незгодите со телесни повреди – од 2.291 на 1.896, што е пад од 17,24 отсто, додека незгодите со материјална штета се намалени од 2.518 на 2.362. Незгодите со тешки телесни повреди се намалиле од 594 на 528.

Во првите осум месеци годинава биле евидентирани 3.116 лица со телесни повреди, наспроти 3.949 лани, односно 833 лица помалку. Кај лицата со тешки телесни повреди, пак, нема намалување – нивниот број е речиси ист, 686 во 2025 година и 690 во 2026 година.

Резултатите годинава се издвојуваат и во поширок временски контекст. Според МВР, во периодот од 2010 до 2025 година на македонските патишта годишно гинеле меѓу 116 и 198 лица. Во 2019 и 2025 година биле регистрирани по 132 жртви, што покажува дека со години бројот на загинати бил на високо ниво.

Една од клучните промени во сообраќајната безбедност годинава е воведувањето на системот „Безбеден град“. Од 1 февруари започна санкционирањето преку системот, со автоматско детектирање на прекршоците, електронска обработка на предметите и доставување известувања преку СМС-пораки и електронска пошта.

– Резултатите во првите осум месеци покажуваат дека овој пристап создава реална промена на патиштата. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со унапредување и проширување на системот „Безбеден град“, со засилени контроли и со мерки насочени кон намалување на сообраќајните незгоди односно помалку повредени и помалку загубени човечки животи, соопштуваат од МВР. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ