Легендарниот германски фудбалер и почесен претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес, остро ја критикуваше организацијата на Светското првенство во САД, Канада и Мексико. Тој оцени дека сегашното Светско првенство стана пример за прекумерна комерцијализација што му штети на самиот фудбал.
Хенес (74) не го криеше своето разочарување од начинот на кој беше организирано најголемото фудбалско натпреварување во светот, а особено го мачат високите цени на билетите и зголеменото влијание на маркетиншките интереси.
„Според мене, ова Светско првенство е фијаско за фудбалот. Просечната цена на билет за финалето е 2.000 долари? Каде одиме?!“, се запраша Хенес.
Поранешниот прв човек на клубот од Минхен нагласи дека нема ништо против заработката во фудбалот, но верува дека ФИФА отишла предалеку.
„Отсекогаш сум бил за комерцијализација на фудбалот, но не во оваа екстремна форма. Не би го поддржал тоа со купување билети. Немав апсолутно никаква желба да одам на ова Светско првенство. Дури и да сакав, ќе го изгубев интересот поради оддалеченоста на стадионот од населените места“, рече Хенес.
Критиките кон ФИФА не доаѓаат само од поранешниот функционер на Баерн. Во последните денови, дел од фудбалската јавност е огорчена од задолжителните паузи за освежување за време на натпреварите, кои се применуваат без оглед на временските услови.
Прекините во играта станаа дополнителен простор за рекламирање, па затоа забелешката дека фудбалот на ова Светско првенство се игра „во четвртини“ може да се слушне сè почесто.
Иако кажана со хумористичен тон, таквата оценка добива сè поголема тежина меѓу критичарите на сегашниот формат на натпреварувањето.












