| Во земја во која работодавачите сè почесто алармираат за недостиг на работна сила, паралелно постои неискористен потенцијал во системот на извршување санкции. Работното ангажирање на осудените лица постои како законска можност и веќе дава резултати во одредени казнено-поправни установи, како КПД Прилеп, каде што затвореници беа вклучени во земјоделски активности но, во практиката, оваа можност е сè уште ограничена. Додека Србија и дел од европските земји развиваат затворски работилници, обуки и програми што ги подготвуваат осудените за враќање на пазарот на труд, во Македонија останува прашањето зошто овој механизам не се користи пошироко. Дополнително, податоците од Кривичниот суд покажуваат дека општокорисната работа како алтернативна санкција сè уште ретко се изрекува, со најголема концентрација на случаи во периодот на пандемијата, што отвора дилема дали државата доволно ги користи можностите за ресоцијализација наместо исклучиво казнување |
Во време кога компаниите бараат работници, а дефицитот на работна сила станува една од најголемите економски пречки, во затворскиот систем постојат осуденици кои можат да бидат дел од работните процеси – не како евтина работна сила туку како дел од процесот на ресоцијализација и подготовка за живот по издржувањето на казната.
Последниот пример доаѓа од Казнено-поправниот дом Прилеп, каде што годинава беше успешно реализирана жетвата на јачмен на површина од 180 декари. Во земјоделските активности биле вклучени и осудени лица, како дел од програмите за нивно работно ангажирање. Од реколтата биле собрани околу 34 илјади килограми јачмен, кој ќе се користи за сопствени потреби на установата, односно како добиточна храна за фармата во рамките на КПД Прилеп. Од Управата за извршување на санкции велат дека работното ангажирање не е само начин за производство и намалување на трошоците во установите туку, пред сè, механизам за стекнување работни навики и полесна интеграција на осудените лица по нивното излегување од затвор.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, посочува дека веќе постојат модели за ангажирање на осудени лица и надвор од самите установи.
„Општините имаат потпишано меморандуми со градоначалниците и кога ќе проценат дека имаат потреба, ги ангажираат затворениците од некои од затворските одделенија. Ние, како Управа, иницираме да се користи работната сила на овие луѓе, кои се опфатени. И во Струмица има такви примери каде што работно се ангажираат осудени лица“, вели Пандов.
Србија со поширок модел, Европа со систем на обука и враќање во општеството

Додека во Македонија работното ангажирање на осудениците е најчесто поврзано со активности во рамките на самите казнено-поправни установи, во дел од европските земји работата на затворениците е поставена како организиран систем за стекнување квалификации, работни навики и подготовка за враќање на пазарот на трудот.
Соседна Србија има поразвиен модел. Во тамошните казнено-поправни установи функционираат производни погони и работилници каде што осудените лица се ангажираат во различни области – од производство на мебел и столарија, до земјоделство, преработка на храна и други занимања. Во Србија, работното ангажирање се гледа како дел од третманот на осудените лица, а не само како начин за искористување на нивниот труд. Целта е лицата по излегувањето од затвор да имаат стекнати вештини кои можат да им помогнат полесно да најдат работа и да не се вратат во криминал. Еден од примерите е Казнено-поправниот завод Панчево, каде што, во изминатите години, осудени лица поминувале обуки за занимања како изработка на ПВЦ-столарија, фризерски услуги и преработка на овошје и зеленчук. Идејата е затворот да не биде само место за издржување на казната туку и место каде што лицата добиваат можност за нов почеток.
Слично е и во повеќе европски земји. Во Германија, работата на осудените лица е составен дел од затворскиот систем. Затворите имаат сопствени работилници и производни единици каде што осудениците можат да стекнуваат професионални вештини. Во дел од сојузните покраини, работата е и законска обврска за осудените лица, со јасно утврдени правила и надзор. Во Австрија, затворскиот систем, исто така, има развиени работни програми – од занаетчиски работилници до земјоделски активности. Холандија, пак, вложува во програми каде што затворениците не само што работат туку и се обучуваат за конкретни професии кои се барани на пазарот на трудот.
Кај нас постојат примери како што е затворот во Прилеп, каде што осудени лица учествуваат во земјоделски активности, или ангажирања преку соработка со локални самоуправи, но нема јавно достапни податоци дека работното ангажирање е масовно развиено како посебна политика.
Токму тука се отвора прашањето: во земја каде што работодавачите сè почесто се соочуваат со недостиг од работници, дали државата доволно го користи потенцијалот на системот кој истовремено може да помогне и во ресоцијализацијата на осудените лица?
Казна без затворски решетки: општокорисната работа останува ретка алтернатива

Наместо секоја пресуда да завршува со затворска казна или со условна осуда, законски постои можност дел од сторителите на кривични дела да бидат упатени на општокорисна работа – санкција чија цел е лицето да одговара за стореното, но истовремено да остане поврзано со заедницата и да придонесува преку конкретен труд.
Сепак, податоците од Основниот кривичен суд Скопје покажуваат дека оваа можност сè уште се користи ограничено. Во периодот од 2018 до 2024 година, судот евидентирал 162 предмети во кои е изречена мерката општокорисна работа. Анализата на предметите покажува дека најголемиот број вакви одлуки се донесени во 2020 и 2021 година, во периодот на пандемијата, кога голем дел од случаите се однесуваат на кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Тоа значи дека зголемувањето на бројот на општокорисни работи во овие години не е резултат на поширока примена на оваа алтернатива за различни видови кривични дела, туку е главно поврзан со ковид-кризата. По тој период, примената е значително помала. Во статистиката има случаи за кражба, одземање моторно возило, загрозување на безбедноста во сообраќајот, оштетување туѓи предмети и злоупотреба на лични податоци, но нивниот број е значително помал во споредба со предметите од периодот на епидемијата.
Токму недоволната примена на оваа можност е причината поради која од Управата за извршување на санкции укажуваат дека треба почесто да се користат алтернативните мерки. Директорот на Управата, Пандов, посочува дека државата има потреба повеќе да го користи потенцијалот на општокорисната работа.
„Ние апелираме до судиите при пресудите да досудуваат со услов општокорисна работа, затоа што тоа не е практика во судовите“, вели Пандов.
Општокорисната работа, според идејата на ваквите санкции, треба да биде баланс меѓу одговорноста за стореното дело и можноста лицето да не биде целосно отстрането од општеството. Така би се намалила и пренатрупаноста во затворите. Но, за да функционира овој модел, потребни се и услови, како надзор и поголема свесност кај системот да ја користи оваа можност. (П. А.)












