Зголемените трошоци, серијата банкроти на европски превозници и новите регулативи создаваат дополнителен притисок врз транспортниот сектор не само во Европа туку и кај нас и во земјите од Западен Балкан. Возачите како и од компаниите предупредуваат дека условите за работа стануваат сè посложени, а Европската комисија се соочува со барања за промена на правилата за професионалните возачи од Западен Балкан поради ограничувањето 90/180 за престој во Шенген-зоната. Превозниците предупредуваат дека времето на евтин, стабилен и профитабилен транспорт е минато

Информациите што последните недели кружат во фејсбук-групата „Камионџии Балкан“ отворија широка дискусија меѓу возачите и превозниците за состојбата во европскиот транспортен сектор. Во фокусот се зголемените трошоци, банкротите на транспортни компании, новите европски правила и сè поголемата неизвесност во логистиката.

Според објавите споделени во групата, транспортниот сектор во Белгија се соочува со сериозни проблеми. Наводите за рекорден број банкротирани транспортни компании во првата половина од 2026 година предизвикаа реакции кај превозниците, кои велат дека причините се повеќе од очигледни — зголемувањето на патарините, поскапа експлоатација на возилата, повисоки трошоци за работна сила и притисок врз цените на транспортот.

– Камионот денес заработува исто или помалку од порано, а трошоците се зголемени за сè – гориво, сервиси, гуми, осигурување, плати – е еден од ставовите што се повторува во дискусиите на членовите на групата.

Особено внимание предизвика фактот дека меѓу компаниите што се соочуваат со проблеми не се само мали фирми. Во реакциите на превозниците се посочува дека кризата ги зафаќа и компании со долгогодишно искуство.

– Ако фирма што работи 10 или 20 години не може да го издржи притисокот, тогаш проблемот не е само во сопствениците, туку во целиот пазар – коментираат членови на транспортната заедница.

Во исто време, во европските транспортни кругови се зборува и за финансиските проблеми со кои се соочуваат големи логистички компании. Случајот со „Зиглер груп“ е споделуван како пример дека промените во секторот не ги заобиколуваат ниту големите системи со долгогодишно присуство на пазарот.

– Порано се мислеше дека големите компании се сигурни. Денес гледаме дека ниту големината не е гаранција – велат превозниците.

Дополнителна загриженост кај транспортната заедница предизвикуваат и промените во глобалната логистика. Родолф Саде, извршниот директор на ЦМА ЦГМ, една од најголемите светски компании за контејнерски транспорт, предупреди дека нарушувањата во синџирите на снабдување веќе не се привремена појава, туку стануваат дел од новата реалност во светската трговија.

Од „Камионџии Балкан“ велат дека последните години покажаа колку брзо може да се промени транспортниот пазар. Според нив, пандемијата, геополитичките конфликти, проблемите со важни поморски и копнени маршрути и нестабилните цени на превозот создадоа услови во кои компаниите мора постојано да се приспособуваат.

– Денес не знаеш што ќе се случи следниот месец. Денес имаш тура, утре може да се смени рутата, цената или условите – пишуваат возачи во дискусиите.

Покрај економските притисоци, европските превозници се соочуваат и со нови правила поврзани со социјалното осигурување на возачите и работниците испратени во други земји од Европската Унија. Според измените што се дискутираат во групата, компаниите ќе мора да обезбедат поголема усогласеност со правилата за испраќање работници, а институциите ќе имаат поголема контрола врз спречувањето на злоупотреби.

Додека европските институции овие промени ги објаснуваат како чекор кон поголема правна сигурност и фер конкуренција, дел од превозниците стравуваат дека новите процедури ќе им донесат дополнителни обврски.

– Секое ново правило значи уште една обврска за фирмите. Големите можат да вработат луѓе за администрација, но малите превозници сами се борат со сè – се наведува во реакциите во групата.

Членовите на „Камионџии Балкан“ посочуваат дека проблемите што сега се гледаат на западноевропските пазари можат да имаат последици и за компаниите од регионот, бидејќи балканските превозници во голема мера зависат од европските транспортни текови.

– Она што денес се случува во Белгија, утре може да биде тема и кај нас – забележуваат македонските возачи.

МН: Превозниците чекаат одговор до 10 август за шенгенското правило

Покрај економските проблеми со кои се соочуваат транспортните компании, во последниот период, сè поголема загриженост кај превозниците од Западен Балкан предизвикува и проблемот со правилото 90/180 за престој во Шенген-зоната. Членовите на фејсбук-групата „Камионџии Балкан“ посочуваат дека ова прашање може сериозно да влијае врз работата на професионалните возачи бидејќи голем дел од нив поминуваат значителен дел од годината на европските патишта поради работни обврски.

Инаку, превозничките здруженија од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кон крајот на минатиот месец побараа од Европската комисија да најде решение за ограничувањето според кое возачите од земји надвор од Европската Унија можат да престојуваат најмногу 90 дена во рамките на 180 дена во Шенген-зоната. Превозниците бараат професионалните возачи да бидат издвоени од туристичкиот режим на престој, бидејќи природата на нивната работа подразбира чести преминувања на границите и долг престој на територијата на Европската Унија.

– Возачите не се туристи. Тие влегуваат во Европската унија поради работа, со товар, документи и јасно дефинирани транспортни обврски – е ставот што се повторува во реакциите на превозниците.

Според информациите што ги пренесуваат регионалните медиуми, транспортните организации побарале одговор од Европската комисија до 10 август. Доколку до тој рок не биде понудено решение, превозниците најавуваат нов состанок и разгледување на понатамошни чекори.

– Не сакаме блокади бидејќи и ние живееме од транспортот и секој застој ни носи загуби, но мора да најдеме начин проблемот да се реши – се наведува во изјавите што ги пренесуваат претставници на транспортниот сектор во Србија.

Во транспортната заедница се оценува дека ова прашање е дополнителен притисок врз компаниите кои веќе се соочуваат со зголемени трошоци, недостиг на возачи и сè посложени услови за работа.

– Една работа е да се бориме со цените, горивото и со трошоците, а друга е кога правилата постојано се менуваат и создаваат нова неизвесност – коментираат превозници во дискусиите во групата „Камионџии Балкан“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ