Од мала гледала во камионите и си велела дека еден ден и таа ќе седне зад воланот. На 21 година, собрала храброст и тргнала по европските патишта, иако имало кој да ѝ каже дека тоа не е работа за жена. Денес, по четири години, сама тера илјадници километри, се снаоѓа со граници, паркинзи, товар и секакви маки по патот. Вели дека не ѝ било секогаш лесно, ама кога нешто го сакаш, нема назад. А на оние што сè уште мислат дека камионот е машка работа, Надица само им вели: „Добро, ќе видиме“

Од Штип до Холандија, Германија, Франција и други европски патишта, 25-годишната Надица Миланова го живее сонот што го имала уште како дете – да седне зад воланот на голем камион. Денес има четири години професионално искуство, а нејзиното работно место е илјадници километри далеку од дома. Камионот деновиве го оставила паркиран во Холандија, а таа се вратила во родниот Штип, каде што за ВЕЧЕР раскажува како изгледа животот на европските патишта, што значи да се биде млада жена во машка професија и зошто, и покрај сите тешкотии, не би го менувала својот избор.
Понекогаш, најголемите соништа почнуваат сосема едноставно – со едно детско гледање низ прозорецот. За Надица Миланова, тоа било патувањето со татко си низ Европа. Додека минувале километри и пред неа се менувале држави, градови и пејзажи, малото девојче ги гледало големите камиони на патот и си замислувало дека еден ден, токму таа ќе биде зад воланот. Таа вели дека тоа не било моментално детско воодушевување кое ќе исчезне со годините, туку напротив, желбата кај неа станувала сè посилна.
– Можеби уште како мала, додека патував со татко ми низ Европа. Гледајќи ги камионите и патиштата, си велев: „Еден ден, и јас ќе го возам овој камион“. Таа детска желба со годините не исчезна – напротив, стана мој сон. Најмногу ме привлекуваше слободата и патувањето. Наместо секој ден да си на едно исто место, гледаш различни држави, градови и луѓе. Со татко ми го почувствував тој живот уште како дете и веројатно тогаш ми се всади љубовта кон камионите – раскажува оваа млада девојка.
Сонот што го сонувала како мала ѝ бил водилка, и на 21 година Надица решила да го претвори во професија. Но, како и секој голем чекор, и овој ѝ донел стравови – особено кај најблиските. Мајка ѝ не била воодушевена од идејата нејзината млада ќерка сама да вози камион низ Европа. Знаела дека зад воланот не стои само слободата на патувањето, туку и огромна одговорност. Татко ѝ, пак, бил спротивното – човекот кој верувал дека неговата ќерка може да го оствари она што го замислила.
– Кога на 21 година решив професионално да возам камион, не беше баш лесно за моите блиски. Мајка ми се плашеше и не ме поддржуваше многу, затоа што знаеше колку е тешка и одговорна оваа работа. Но, татко ми беше целосно на моја страна – тој веруваше во мене и ми даде храброст да си го следам сонот. И денес сум му благодарна за тоа – вели Надица.
Првиот подолг пат сама во камионот не бил без страв. Сосема спротивно. Одеднаш го немало татко ѝ на совозачкото седиште, немало некој до неа кој ќе ѝ каже каде да сврти, како да се снајде или што да направи ако нешто тргне наопаку. Имала само камион, патот пред неа и сопственото знаење.
– Искрено, ми беше малку страв. Првпат сама на подолго патување и не знаев дали ќе се снајдам. Ама токму тоа ми даде уште поголема желба да продолжам и да си докажам дека можам – кажува Надица.

И токму таму, на тие први километри сама, почнала вистинската школа за неа. Вели дека да се биде професионален возач не значи само да седнеш зад воланот и да возиш. Камионот е само еден дел од приказната. Другиот дел се паркирањето, товарот, документите, царините, границите, тахографот, времето, организацијата и сите оние непредвидени ситуации кои можат да се случат на илјадници километри од дома.
– На почетокот, најтешко ми беше сè заедно. Возењето е само еден дел од работата. Треба да знаеш да паркираш, да се снајдеш со документи, граници, товарање и растоварување, да го следиш времето и да знаеш што правиш ако се појави проблем. Со искуство, сето тоа станува полесно – вели Надица.
Денес, четири години подоцна, Надица веќе не гледа на професијата само како на возење. Вели дека има доволно искуство за да знае дека добриот возач мора да биде и организатор, психолог, малку механичар, а пред сè – човек кој знае да остане смирен кога работите нема да одат според планот.
– Денес знам дека да бидеш возач на камион не значи само да седнеш и да возиш. Треба да бидеш организиран, смирен, одговорен и да знаеш да се снајдеш во секоја ситуација. На почетокот мислев дека најважно е возењето, а денес знам дека целата работа околу возењето е подеднакво важна – констатира таа.
Ако некој никогаш не бил во камион на долг пат, можеби си замислува дека работниот ден на возачот е едноставен: се стартува моторот и се вози. Но, како што кажува Надица, реалноста е многу поинаква. Таа вели дека речиси и да не постои „обичен“ работен ден. Утрото и започнува со проверка на камионот, маршрутата, документите и товарот. Потоа следуваат километри, паузи, граници, паркирање, товарање и растоварување. Некогаш денот и поминува мирно, а некогаш проблемите доаѓаат еден по друг.
– Нема баш „обичен“ ден, затоа што секој ден е различен. Стануваш, го проверуваш камионот, ја гледаш маршрутата, документите и товарот и тргнуваш. Потоа следуваат возење, паузи, граници, паркирање, товарање или растоварување. Некогаш денот поминува мирно, а некогаш се случуваат сто работи одеднаш – вели Надица.
Ако треба да избере што најмногу сака во професијата, таа вели дека одговорот е ист како оној на малата Надица – патувањето. Европа ја запознала од сосема поинаква перспектива. Видела градови и држави, запознала различни луѓе и култури, а секој нов пат и носи нешто различно. Но најубавото чувство, вели, е кога ќе заврши долг пат и ќе знае дека сама го издржала.
– Најубаво ми е што патувам и што сум видела голем дел од Европа. Ми се допаѓа и чувството кога ќе завршам долг пат и знам дека сама сум го издржала тоа. Најмногу енергија ми трошат чекањето, гужвите, немањето паркинг и ситуациите кога некој проблем не зависи од тебе – кажува таа.
А проблеми има, вели, особено кога си сама. Според неа, возачот мора да знае да препознае дали нешто не е во ред со камионот, да знае нешто за механиката, да го разбира товарот, документите, тахографот, маршрутата и организацијата.

– Треба да знаеш многу повеќе отколку што луѓето мислат. Не мора да бидеш механичар, но треба да препознаеш кога нешто не е во ред со камионот. Треба да знаеш за товарот, документите, тахографот, маршрутата и организацијата. Кога си сама илјадници километри од дома, мораш да знаеш да се снајдеш – вели Надица.
Иако денес со сигурност зборува за својата професија, Надица не крие дека фактот што е жена во професија во која доминираат мажите понекогаш ѝ бил дополнителен товар. На почетокот чувствувала дека луѓето прво ја гледаат како жена, а дури потоа како возач. Затоа чувствувала дека мора повеќе да се докажува. Но, со текот на времето, научила дека најдобар одговор не се дава со зборови, туку со работа.
– Да, дефинитивно. Мислам дека на почетокот некои луѓе прво гледаат дека си жена, а дури потоа гледаат дали знаеш да возиш. Затоа чувствував дека морам повеќе да се докажувам. Но, со текот на времето сфатив дека најдобар одговор е работата – кога ќе покажеш дека знаеш, тогаш нема потреба ништо да објаснуваш – вели таа.
Често, кога ќе дознаат дека возачот е жена, луѓето се изненадуваат. Некои не веруваат додека самата Надица не им потврди дека токму таа ќе го вози камионот. Други се воодушевуваат, трети се скептични. А имало и такви кои директно ѝ кажале дека „тоа не е работа за жена“. Не се карала. Не се расправала.
– Да, сум го слушнала тоа. Но, никогаш не сум сакала да се карам или да се расправам. Само си велам: „Добро, ќе видиме“. Јас најмногу сакам со дела да покажам дека можам. Ако јас сум среќна со работата и си ја работам како што треба, не гледам зошто би била „само за мажи“ – вели Надица.
Но, зад приказната за слободата и патувањето постои и една страна која често не се гледа однадвор. Животот на пат носи ризици. Небезбедни паркинзи, кражби, долги чекања, непредвидени ситуации. Вели дека кога е сама и далеку од дома, вниманието мора да ѝ биде на највисоко ниво.
– Има моменти кога се чувствуваш небезбедно, особено кога си сама и далеку од дома. Со текот на времето, научив повеќе да внимавам каде паркирам, кого пуштам блиску до камионот и како се однесувам во одредени ситуации. На пат мора секогаш да имаш „отворени очи“ – смета Надица.
Во моментов, Надица нема личен проблем со правилото 90 дена во 180 дена за престој во Шенген, бидејќи, како што вели, престојот ѝ е регулиран со европска работна виза. Но, добро знае дека за голем број македонски професионални возачи ова е сериозен проблем. Според неа, не може професионалните возачи кои во Европа влегуваат поради работа, да бидат ставени во иста категорија со туристите.
– Апсолутно не е фер. Многу колеги имаат проблем со таа регулатива, а издржуваат семејства дома од оваа работа. Но, овој проблем треба да си го решат министерствата за транспорт и врски и за надворешни работи. Навистина се надевам на скоро решавање, бидејќи домашните фирми ќе изгубат уште повеќе професионални возачи, кои и самите бараат решенија и отвораат фирми надвор од Македонија – вели Надица.
Ако проблемот не се реши, последиците, според неа, нема да бидат само лични. Ќе ги почувствуваат и транспортните компании, а преку нив и економијата. Таа особено го посочува проблемот со долгите чекања и бирократските процедури.
– Ова е огромен проблем за државата. Нашата индустрија не е развиена доволно за транспортните фирми да вршат внатрешен транспорт, исто е и со транспортот меѓу балканските земји – го нема многу, а дополнителен проблем се огромните чекања по границите, бирократските процедури и начинот на работа кој слободно можам да го наречам изживување врз возачите – вели Надица.

Таа посочува на конкретен пример од практиката – ако истоварате во Македонија и сте дошле на царински терминал во 8 наутро и сте предале документи, царината ќе ви ги врати документите во 15:30 часот, пред да си одат од работа и најчесто нема да истоварите истиот ден, бидејќи веќе ќе затвори фирмата за истовар. И така, ако не се реши проблемот со 90 дена, фирмите бараат и веќе регистрираат фирми надвор од Македонија за да опстанат, а и возачите веќе бегаат по европските фирми зошто и тие бараат опстанок – кажува оваа млада девојка.
И покрај сите овие предизвици, Надица не би се откажала од својата професија, туку напротив.
– На една млада девојка во Македонија која размислува да стане професионален возач би ѝ рекла да не се откажува само затоа што некој ќе ѝ каже дека тоа е „машка работа“. Но, исто така, би ѝ кажала да знае во што влегува. Зашто ова не е само возење низ Европа. Треба да е девојка која навистина сака да патува и да не се плаши од предизвици. И јас почнав многу млада и на почетокот имаше луѓе кои се сомневаа дали ќе можам. Денес, по четири години, можам да кажам дека оваа професија многу ме промени и ме направи посамостојна и посигурна во себе – констатира Надица.
Според неа, возењето камион не е лесна работа и не е само возење низ Европа, затоа што има долги патувања, чекања, замор, проблеми со паркинг, граници и моменти кога многу ти недостига домот. Но, вели дека има и многу убави страни – запознаваш различни држави, луѓе и култури и секој ден ти е различен.
За неа, најважно е девојките да не дозволат туѓите предрасуди да им станат граница.
– На една млада девојка би ѝ кажала да не се откажува само затоа што некој ќе ѝ каже дека камионот е машка работа. Ако ја сака професијата и има желба да научи, може да успее исто како и секој маж – вели таа.
И можеби најубаво е што приказната на Надица не започнува со камионот. Започнува со едно мало девојче. Со таткото до неа. Со европскиот пат пред нив. Со камионите што минуваат покрај нив. И со една реченица која тогаш била само детска желба: еден ден, и таа ќе вози камион.
Денес, кога минува по европските патишта, Надица понекогаш се навраќа на тие моменти. На девојчето што седело покрај татко си и гледало низ прозорецот. Само што сега не гледа од совозачкото седиште. Таа е зад воланот.
– Ако можев денес да седнам до малата Надица, би ѝ кажала: „Ќе има денови кога ќе ти биде тешко, ќе има луѓе што ќе ти кажат дека не можеш, ама немој да им веруваш. Само продолжи. И можеби најубавото е што денес, кога ќе поминам по некој европски пат, понекогаш се сетувам на тоа мало девојче што седеше покрај татко си и сонуваше. И си велам: „Ете Надица, стигнавме. Не беше само сон“, вели младата штипјанка.
Светлана БЛАЖЕВСКА












