среда, август 26, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Нов удар за Европа: Зимата може да донесе поскап гас и струја

Нов удар за Европа: Зимата може да донесе поскап гас и струја

0

Европските домаќинства би можеле да плаќаат повисоки сметки за гас и електрична енергија оваа зима ако високите цени на големо траат доволно долго за нивното зголемување да се пренесе на крајните потрошувачи, пишува „Еуроњуз“.

Референтната цена на гасот на големо во Европа, холандската TTF, во вторник надмина 66 евра за мегават час (MWh), додека на почетокот на годината изнесуваше околу 29 евра. Зголемувањето на цените е последица на загриженоста за можното затворање на Ормускиот теснец во текот на зимата, но и на невообичаено ниските залихи на гас во ЕУ пред почетокот на грејната сезона.

Според податоците од здржението „Гас Инфраструктура Јуроп“, капацитетите за складирање гас во ЕУ биле полни со 62,99 проценти на 24 август, што е далеку под петгодишниот просек од 79 проценти. Експертите предупредуваат дека залихите се невообичаено ниски за овој период од годината. Слична ситуација последен пат е забележана во 2021 година, во пресрет на голема гасна криза.

Најниските стапки на зафатеност меѓу големите европски пазари се во Германија, со 51 процент, и Холандија, со 44,3 проценти.

Особено загрижува состојбата во Германија и Холандија, каде резервите се значително под вообичаеното сезонско ниво. Аналитичарите предупредуваат дека слично ниски залихи последен пат биле забележани во 2021 година, пред големата европска енергетска криза. Дополнителен ризик претставуваат геополитичките тензии и можните проблеми со транспортот на течен природен гас, што би можело дополнително да ја зголеми конкуренцијата меѓу Европа и азиските пазари.

Доколку зимата биде постудена од очекуваното, побарувачката може нагло да се зголеми. Дел од аналитичарите не ја исклучуваат можноста цената на гасот во декември да надмине 100 евра за мегават-час.

Нов раст на цените би можел да се одрази и врз сметките за греење и трошоците на индустријата, особено во земјите кои во голема мера зависат од увоз на природен гас.

За Македонија, ризикот е особено значаен поради зависноста од увозот и движењето на европските берзански цени, што може да влијае врз трошоците за централното греење и работењето на компаниите кои користат гас.

 

ИЗДВОЕНИ