среда, август 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА АЛАРМАНТНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО „Дисраптинг харм“: До 12.000 деца во Македонија годишно...

АЛАРМАНТНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ИСТРАЖУВАЊЕТО „Дисраптинг харм“: До 12.000 деца во Македонија годишно изложени на сексуална злоупотреба преку интернет

1
Иако 88 отсто од децата ја откриле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните служби било исклучително ретко: само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центри за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале линија за помош, покажуваат резултатите од истражувањето

Секое десетто дете на возраст од 12 до 17 години кое користи интернет во Северна Македонија, односно околу 12.000 деца, било изложено на сексуална експлоатација или злоупотреба со помош на технологија во период од само една година, покажува новиот извештај „Дисраптинг харм“. Според податоците, во 48 отсто од случаите, децата биле изложени на повеќе од една форма на сексуална злоупотреба или експлоатација, при што подеднакво биле засегнати и момчињата и девојчињата. Особено загрижува податокот дека во 78 отсто од случаите сторителот бил лице познато на детето, додека само во пет отсто од случаите станувало збор за непознато лице. Во 57 отсто од случаите, сторителите биле возрасни, а во 22 отсто врсници. Во 39 отсто од случаите бил вклучен сегашен или поранешен интимен партнер или лице кон кое детето чувствувало симпатии, додека во 27 отсто бил вклучен член на семејството. Социјалните мрежи биле најчестата средина во која се случувала злоупотребата. Во 52 отсто од случаите биле користени платформи на социјалните медиуми, а во 30 отсто платформи за онлајн игри.

Меѓу најчесто споменуваните платформи се „Инстаграм“ со 76 отсто, „Снепчет“ со 55 отсто, „Тикток“ со 51 отсто, „Ватсап“ со 40 отсто, „Фејсбук“ со 34 отсто, „Јутјуб“ со 29 отсто и „Икс“ со 21 отсто. Најчеста форма на злоупотреба било изложувањето на децата на сексуална содржина без нивна согласност, а биле регистрирани и случаи во кои од децата било барано да споделуваат фотографии или видеозаписи на кои се прикажани нивните интимни делови.

Истражувањето е дел од повеќедржавната програма „Дисраптинг харм“, финансирана од Сејф онлајн, а спроведена од ЕЦПАТ интернешенал, Интерпол и Канцеларијата за истражување и предвидување на УНИЦЕФ – Innocenti, во партнерство со национални институции и организации.

Истражувањето покажало дека децата изложени на сексуална експлоатација и злоупотреба олеснета преку технологијата имале 11 пати поголема веројатност да се самоповредат и 12 пати поголема веројатност да имаат самоубиствени мисли и однесувања и доживуваат значително повисоки нивоа на анксиозност. Засегнатите деца често доживувале срам, губење контрола, тешкотии со спиењето, стрес, анксиозност… Иако 88 отсто од децата ја откриле злоупотребата некому, пријавувањето до формалните служби било исклучително ретко: само еден отсто пријавиле во полиција, еден отсто во центри за социјална работа, а 0,2 отсто контактирале линија за помош, покажуваат резултатите од истражувањето.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, на презентацијата на извештајот рече дека тој е важен чекор во заедничката заложба да ги разберат и адресираат ризиците што ги носи дигиталната средина за најранливите, за децата.

– Оваа тема има длабоко значење за нашето општество, нашите семејства, училишта и заедници се соочуваат со нови предизвици кои произлегуваат од брзата дигитализација, начин на комуникација и учење кои носат огромни придобивки, но и нови можности за злоупотреба на експлоатацијата. Неопходно е да ги слушнеме и гласовите на експертите, да ги примениме препораките и да ги усогласиме институционалните одговори со реалните потреби на децата и нивните семејства – рече Исени.

Тој додаде дека МВР ги продолжи да ги унапредува капацитетите на полицијата и на службите за заштита, да ги зајакнува механизмите за координација со образовните и социјалните служби и да поддржува програми за едукација и дигитална писменост.

Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, рече дека наодите се многу загрижувачки.

– За жал, наодите се длабоко загрижувачки, откривајќи криза во заштитата на децата во дигиталната доба. Тие, исто така, потврдуваат дека ова не е само онлајн проблем: тој е вкоренет во секојдневните средини на децата – честопати движејќи се помеѓу дигиталните и физичките простори. Нема сомнение дека од децата не може и не треба да се очекува да се заштитат од злоупотреба. Одговорноста е кај нас, возрасните, да спречиме штета, ефикасно да реагираме и да создадеме безбедни средини за децата – и офлајн и онлајн. Како такви, наодите од ова истражување бараат наше внимание и колективно внимание. Ова е скриена криза. Јазот меѓу преваленцата и пријавувањето покажува дека повеќето случаи остануваат невидливи за формалните системи –  рече Милер додавајќи дека довербата во институциите мора да се зајакне.

ИЗДВОЕНИ