Весникот ВЕЧЕР е еден од трите медиуми, кој заедно со „Нова Македонија“ и „Плусинфо“ добија благодарници на свеченоста по повод Денот на рударите, посветен на сите професионалци кои со својот труд, знаење и храброст, придонесуваат во развојот на македонската економија. Честа беше дотолку поголема што ВЕЧЕР  беше рамо до рамо со истакнатите работници кои работат во македонските рудници. Благодарницата е за континуираното следење и професионалното известување за состојбите во рударскиот сектор, како и за анализите и прилозите насочени кон унапредување и развој на рударството во земјата.

– Ова признание го доживуваме и како потврда за важната улога што ја имаат традиционалните медиуми во општеството – да информираат, да отвораат важни теми и да даваат заслужено место на луѓето и професиите кои се од особено значење за економијата на нашата земја. Во време на брзи информации и уште побрзи промени, веруваме дека токму професионалното, одговорно и проверено новинарство има посебна вредност. ВЕЧЕР повеќе од шест децении ја гради својата приказна со читателите, а во таа приказна секогаш има место  за рударите и за нивниот труд, вели главната и одговорна уредничка на ВЕЧЕР, Елизабета Арсоска.

На свеченоста по повод одбележувањето на Денот на рударите – 28 август беше истакнато дека денес, во услови на големи енергетски предизвици, нивната улога станува уште позначајна.

А Македонија изобилува со минерални суровини, како бакар, цинк, сребро, злато и голем број други металични и неметалични минерални суровини. Така, како што истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во 2025 година во Македонија беа произведени 13.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството како гранка, учествуваше со 10,9 % во индустриското производство и е направен извоз од 2,8 % од вкупниот македонски извоз. Притоа, како што истакна Божиновска, лани приходите од концесиските надоместоци достигнаа над 1,22 милијарди денари, што е историски највисока наплата.

– Зад секоја статистика има човечка приказна. Некои луѓе утро заминуваат на работа во рудниците. Има семејства кои живеат од нивниот труд. Има професии и знаење што придонесуваат од една генерација на друга. Има градови во кои рударството не е само стопанска дејност, туку дел од нивната историја, идентитет и перспектива за иднината – истакна Божиновска.

Таа нагласи дека секој рудник создава работа за транспортни компании, градежништво, машинска индустрија, лаборатории, набавувачи… Според неа, рудниците треба да се двигатели на регионот во кој се работи, но тоа не значи дека тоа треба да биде развој по секоја цена.

– Тоа значи дека природата треба да ја оставиме чиста и за идните генерации, да се изнајде балансот со јасни правила, силни институции, одговорни инвеститори и одлуки што создаваат корист денес, без да ја загрозуваат иднината. Не може добивката да остане кај компанијата, а последиците кај локалната заедница – истакна Божиновска.

Обраќајќи им се на рударите, таа истакна дека ниту еден тон произведена руда и ниту една инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот, поради што потсети дека безбедноста мора да биде култура на однесувањето во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место.

Катерина Новакова е жена која работи во рударството, поточно во рудникот „Саса“. Таа не е рудар, но нејзината работа има голем придонес во работата на рудникот. Вели дека во Македонска Каменица израснала заедно со рудникот и е горда што повеќе од една деценија е дел од тимот на луѓе кои работат на различни позиции во рудникот „Саса“. Таа вели дека сега не може да замисли да работи на друго место.

– Современото рударство се менува преку воведување нови технологии, подобрување на безбедносните стандарди и посилна грижа за животната средина. Според Новакова, успехот на еден рудник веќе не се оценува само според произведената руда, туку и според безбедноста на работниците, управувањето со влијанијата врз животната средина и придобивките за идните генерации – истакна Новакова и посочи дека е потребно поголемо вклучување на жените во секторот преку еднакви можности за професионален развој и напредување.

Долгогодишниот рудар Љубе Колев истакна дека работата во рудникот е сложена и бара постојано внимание, особено при ракување со тешката механизација и работа при разни теренски услови. Тој посочи дека во текот на годините се забележливи позитивни промени, со подобра механизација, подобра организација на работата и поголемо внимание на безбедноста. Според Колев, успешен работен ден е оној во кој задачите се завршени квалитетно, машините се оставени исправни за следната смена и сите работници се враќаат дома здрави и безбедни.

По повод Денот на рударите, министерката Божиновска им додели и благодарници на најуспешните рудари и лица поврзани со рударството.

(С. Бл.) – Фото: Ѕвонко Плавевски

ИЗДВОЕНИ