Според насоките на новата надворешна политика на Унгарија, однесувањето на Русија претставува закана за Унгарија, Европа и глобалниот поредок, како и сериозна опасност за унгарското малцинство што живее во Закарпатија.
Следствено на тоа, Унгарија ги поддржува сите напори насочени кон обезбедување одржлив мир и долгорочни безбедносни гаранции; ова се наведува, меѓу другото, во одлуката на унгарската влада објавена во вторникот во „Службениот весник на Унгарија“, како што пренесе информативниот портал Telex.hu.
Одлуката, потпишана од унгарскиот премиер Петер Маѓар, ги утврдува задачите и насоките за унгарската делегација што учествува на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
Според оваа одлука, Унгарија е посветена на мултилатерализмот, зачувувањето на транспарентна меѓународна безбедносна средина и заштитата на човековите права. Владата смета дека зајакнувањето на мултилатералниот систем е од клучна важност, како и понатамошното унапредување на односите на ОН со другите меѓународни организации.
„Нашата земја е подготвена за отворена соработка; ја поддржуваме иницијативата „ОН80“, развојот на долгорочни сеопфатни стратегии и напорите насочени кон зголемување на присуството на меѓународни организации во Унгарија“, се наведува во одлуката.
Во одлуката исто така се истакнува дека Унгарија ја осудува руската воена агресија и целосно ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници, притоа признавајќи го и правото на Украина на самоодбрана. „Однесувањето на Русија претставува закана за Унгарија, Европа и глобалниот поредок и го доведува во сериозна опасност унгарското малцинство што живее во Закарпатија. Затоа, ги поддржуваме сите напори насочени кон започнување преговори што ќе доведат до одржлив мир и долгорочни безбедносни гаранции“, се наведува во одлуката на унгарската влада.
Одлуката содржи и дел што конкретно се однесува на ситуацијата на Блискиот Исток. Ставот на Унгарија е дека треба да се избегнува политизација на работата на организациите на ОН и дека патот кон долгорочен мир подразбира заштита на цивилното население, почитување на правото на Израел на самоодбрана, разоружување на Хамас и подобрување на хуманитарната ситуација во Газа. „Директните преговори меѓу двете страни ја сочинуваат основата за израелско-палестинското помирување. Заштитата на цивилното население, признавањето на правото на Израел на безбедност, обновувањето на суверенитетот на Либан и разоружувањето на Хезболах се исто така клучни за долгорочно решавање на конфликтот меѓу Израел и Хезболах. Високо ги цениме напорите за посредување на САД и на регионалните посредници, насочени кон ставање крај на конфликтите на Блискиот Исток“, се наведува во одлуката на владата во Будимпешта.
Ставот на Унгарија е дека конфликтот со Иран треба да се реши на преговарачка маса, а не преку воена ескалација. Унгарската влада смета дека под никакви околности не смее да му се дозволи на Иран да се стекне со нуклеарно оружје.
Затворањето на Ормускиот теснец и прекинот на поморската трговија претставуваат глобален ризик за енергетската безбедност; следствено на тоа, Унгарија ги поддржува сите напори насочени кон враќање на стабилноста во регионот.
Веднаш по преземањето на функцијата, новата унгарска министерка за надворешни работи, Анита Орбан, го повикала рускиот амбасадор на разговор откако Закарпатија била цел на најинтензивниот руски напад со беспилотни летала досега. Овој потег сам по себе сигнализирал значителна промена во унгарската дипломатија, забележува Telex.hu.












