Само со јажиња и валјаци, 1.800 луѓе во северна Јапонија успеаја да поместат кула од замок, тешка 360 тони. Кулата на замокот Хиросаки ја поместија за малку повеќе од два метри од нејзината оригинална локација, во акција која е дел од обемниот проект за нејзина реставрација. Како што пишува „Гардијан“, овој настан привлече учесници од цела Јапонија и од светот.
Утврдената кула на замокот мораше привремено да се премести за да се поправи камениот ѕид на кој стои, кој беше оштетен во силен земјотрес во 2015 година. При преместувањето, користена е традиционалната јапонска техника хикија, со која зградата се поставува на валјаци и се поместува наместо да се расклопува.
– Кулата е заштитено културно богатство од национално значење, па затоа не ја демонтиравме. Користиме хикија, метод на преместување згради што постои во Јапонија уште од античко време, рече Кенсуке Хајасака, раководител на одделот за паркови и зелени површини во градот.
Откако заврши таа работа, властите повторно побараа помош од јавноста за да ја вратат кулата на нејзината оригинална локација. Тимови од по 80 луѓе наизменично влечеа јаже долго 30 метри. Во саботата, учесниците ја повлекоа зградата, поставена на шини, за 1,13 метри, додека во неделата беше поместена за уште 1,09 метри.
– За 1.800 места во текот на два дена, имавме околу 8.000 апликации, што е околу четирипати повеќе од потребниот број, па затоа не можеше секој да учествува. Луѓето дојдоа не само од нашиот град, туку од цела Јапонија и од странство. Значителен број дојдоа од Југоисточна Азија, Европа и Северна Америка, објасни Хајасака.
Мотохару Наката (61) пристигна од Хирошима од другата страна на Јапонија.
– Го влечев пред 11 години. Бев многу трогнат што можев повторно да учествувам. Нема друга можност да се влече замок – беше фантастично, рече Санкеи Шимбун.
Рачното влечење на кулата ќе продолжи до крајот на август. Планот е вкупно 4.100 луѓе да ја поместат зградата за пет метри. Тоа е симболична иницијатива за зајакнување на заедницата, додека преостанатите 73 метри ќе ги одработат машини до крајот на годината. Кулата на замокот Хиросаки е една од само 12 вакви објекти што останале во Јапонија и единствена во североисточниот регион Тохоку. Замокот бил седиште на кланот Цугару и бил завршен во 1611 година. Оригиналната кула изгорела во 1627 година, откако удар од гром запалил магацин за барут, а сегашниот објект бил обновен во 1810 година. Денес, замокот е централен дел на парк, кој во сезона на цветање на црешите привлекува околу два милиони посетители. Поради обемното реновирање, кулата со години нема да биде достапна за туристите.
– Кога ќе се врати во првобитната состојба, ќе почнат конзерваторските работи на самата кула и целиот објект ќе биде покриен. Според сегашните процени, очекуваме таа повторно да се отвори за посетители во 2033 година, објави Хајасака.












