среда, јули 22, 2026
Дома СВЕТ Заробена под топлотна купола, Европа во мај гори како во јули, регистрирани...

Заробена под топлотна купола, Европа во мај гори како во јули, регистрирани првите жртви: Сурова одмазда на природата за климатските промени

683
epa12993005 People rest in deck chairs at a park in London, Britain, 25 May 2026. The UK has recored it’s hottest May day on record expected to reach temperatures of 35 Celcius as a heat wave continues. EPA/ANDY RAIN

Во Франција, температурите достигнаа од 33 до близу 37 Целзиусови степени и зедоа седум жртви. Невообичаено топло е и во Велика Британија, каде што се очекува температурите да се искачат до 35. степен во наредните денови, наспроти вообичаените 17 или 18 степени за овој период. Во Шпанија, живата во термометарот достигна 40 степени и се очекува горештините да не попуштат до крајот на неделава, додека во Италија веќе е на сила забраната за работа на отворено. Метеоролошките графикони покажуваат дека Балканот и Македонија се поштедени од енормно високите мајски температури, иако во некои делови веќе се мерат над 30 Целзиусови степени

Летото календарски е уште далеку, а Европа уште сега, во мај, гори како во јули. Повеќе од дваесет француски града ги забележаа највисоките мајски температури досега, а Обединетото Кралство сруши национален рекорд, поради екстремниот пролетен топлотен бран. Живата во термометрите се искачува далеку над нормалните вредности и во Шпанија, а метеоролозите најавуваат дека ќе продолжи таквото време уште неколку дена, пишува „Гардијан“.

Метеоролошките графикони покажуваат дека Балканот и Македонија се поштедени од енормно високите мајски температури, иако во некои делови веќе се мерат над 30 Целзиусови степени.

Властите во Франција во вторникот објавија дека незапаметените мајски горештини зеле седум животи откако временскиот феномен наречен „топлотна купола“ ги покачи температурите далеку над сезонските норми во поголемиот дел од Европа. Агенцијата „Метео Франс“ соопшти дека понеделникот бил најжешкиот мајски ден забележан некогаш во Франција, со максимални температури од 33 до близу 37 Целзиусови степени. Париз викендов ја регистрираше првата температура над 30 степени оваа година. Во неделата, во текот на трката во Мезонс-Алфорт, предградие југоисточно од главниот град, еден човек почина, а 10 беа однесени во болница во критична состојба. Францускиот премиер, Себастијан Лекорну, в четврток ќе ги свика клучните министри за да го разгледаат одговорот на Владата на топлотниот бран, нагласувајќи ја загриженоста за ризиците за јавното здравје поврзани со невообичаено интензивните температури толку рано во годината.

Британската метеоролошка служба „Мет офис“ објави дека апсолутниот температурен рекорд за мај е срушен во вторникот, откако на лондонскиот аеродром „Хитроу“ беа измерени 33,5 степени, а се очекува температурите да се искачат до 35 степени во наредните денови. Медиумите јавуваат дека лондончани и туристите бараа сенка, бидејќи температурите се искачија далеку над типичниот мајски просек во градот од околу 17-18 степени. Советниците за клима во Велика Британија минатата недела предупредија дека земјата е „изградена за клима што повеќе не постои“ и ја повикаа Владата да ја приспособи инфраструктурата, вклучувајќи ги училиштата и болниците, за потопол свет.

Температурите во некои области на југот од Шпанија веќе достигнаа 38 степени, што е за пет до 10 степени над нормалата.

– Друга многу важна работа е што ќе остане оваа ситуација барем до крајот на неделата. Покрај тоа, може да биде уште потопло в четврток и петок, со температури од најмалку 34 степени во поголемиот дел од земјата – рече Рубен дел Кампо од шпанската државна метеоролошка служба „Аемет“, додавајќи дека во некои делови, од среда до петок, се очекуваат температури од 36 до 38, па и 40 степени.

Според него, поголемиот дел од земјата може да очекува таканаречени тропски ноќи, во текот на кои температурата не паѓа под 20 Целзиусови степени.
Ниту Италија не е поштедена. Регионот Лацио, во кој спаѓа и Рим, уште сега воведе ограничување на работата на отворено во периодот од 12:30 до 16:00 часот. Овие мерки се однесуваат на земјоделството, градежништвото и на логистиката и ќе останат во сила до 15 септември.

Метеоролозите предвидуваат дека ќе бидат соборени стотици нови мајски рекорди во Франција, Шпанија и во Велика Британија, со температури од 12 до 13 степени над просекот. Француската агенција „Метео Франс“ ја опиша ситуацијата како „прерана, вонредна и долга“ епизода на топлина што ќе продолжи уште неколку дена. Агенцијата соопшти дека рекордните температури се резултат на топлинската купола, со топол воздух од Мароко заробен под област со висок притисок. Оттаму додаваат дека Европа може да очекува ваквите настани да бидат „почести, поинтензивни и порани“.

Моделите веќе покажаа дека, поради климатските промени, топлотните бранови во јуни сега се околу 10 пати поверојатни во Европа отколку во прединдустриската ера, а се чини дека се појавува истиот тренд и во мај. Земјоделците во делови од Европа пријавија забрзана жетва, додека плажите и јавните простори се исполнија порано од вообичаено.

– Ова продолжување на сезоната на топлотни бранови е целосно во согласност со последиците од климатските промени – изјави климатологот Роберт Вотар за агенцијата „Франспрес“, давајќи црна прогноза дека „на крајот ќе видиме слични топлотни настани во април и во октомври“.

 

ИЗДВОЕНИ