– „Оффест“, во целото фестивалско минато, секогаш имал големи африкански имиња од сите земји, меѓутоа, обично биле по еден, максимум по двајца изведувачи секоја година, и тоа од одреден регион. Годинашниов фокус значи дека обединуваме повеќе региони на Африка. Правиме еден пресек од тие региони, што сè се слуша и што е најактуелно. Притоа, се разбира, тоа ќе биде интересно да се види, оти овде се создаде една традиција да се сака африканската музика, рече на денешната прес-конференција директорот на „Скопскиот џез-фестивал“, Оливер Белопета, организатор и на „Оффест“ најавувајќи го годинашното издание кое ќе се одржи од 3 до 6 јуни во НОБ и МКЦ во Скопје

 

– Дваесет и петто издание на „Оффест“, 25 години е, всушност, навистина долго искуство. Кога ќе се навртам наназад, дури и јас се шокирам од тоа кој сè бил на овој фестивал. Неговата репутација е позната во светот, иако се разбира, и овде нè познаваат. Меѓутоа, кога ќе го видам тој список, почнувајќи од првата година, кога беа Дејвид Брн, Цезарија Евора, и сè наваму, и мене ме изненадува тоа кого сè го имало на „Оффест“, рече на денешната прес-конференција директорот на „Скопскиот џез-фестивал“, Оливер Белопета, организатор и на „Оффест“, најавувајќи го годинашното издание кое ќе се одржи од 3 до 6 јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар во Скопје.

Како што додаде Белопета, самиот јубилеј не е толку битен, колку тежината на 25 години.

– Немавме обврска, ниту финансиски или инфраструктурни услови да направиме некоја далеку поголема по број програма или нешто специјално. Сметавме дека тоа, покрај недостатокот на условите, е непотребно. Беше потребно само да се следи главниот концепт на програмата, а тоа е да се носат најрепрезентативните имиња од таканаречениот Трет свет или музиката на светот. Се разбира, без да испуштиме изведувачи од Европа или медитеранските земји, посочи Белопета.

Инаку, годинашното издание има поголем фокус на Африка, односно, на фестивалот ќе настапат повеќе групи од овој континент и ќе донесат звуци од повеќе земји од Африка.

– „Оффест“, во целото фестивалско минато, секогаш имал големи африкански имиња од сите земји, меѓутоа обично биле по еден, максимум по двајца изведувачи секоја година, и тоа од одреден регион. Годинашниов фокус значи дека обединуваме повеќе региони на Африка. На пример, од западниот брег Мали, Бенин, од централниот – Конго, од источниот – тоа е веќе друг брег, на друг океан – Танзанија, Јужна Африка. Така што правиме еден пресек од тие региони што сè се слуша и што е најактуелно. Притоа, се разбира, тоа ќе биде интересно да се види, оти овде се создаде една традиција да се сака африканската музика. Има голема разлика не само во менталитетот на луѓето во различните региони туку и во тоа што, и во музиката, на пример, од западниот брег Мали, Сенегал, пред сè, и источниот и Јужна Африка, постојат големи музички разлики и специфики кои публиката лесно ќе ги воочи и на самите концерти, истакна Белопета.

Тој, како и секоја година на пресовите, потсети дека фестивалот има и една традиционална инфраструктурна слабост, односно немањето летна сцена во Скопје, кога во главниот град температурата е висока.

–Колку пати и да имало наши предлози за такво нешто, сите завршувале или во фиока или во ветувања, кои однапред сме знаеле дека се празни, додаде тој.

Guitari Baro

Како што е познато, фестивалот на музиката од светот стартува на 3 јуни, во 20 часот, во НОБ со инструменталното трио „Гитарски разговори“ (Guitari Baro). Овој ансамбл обединува тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали: маестралните гитаристи Гаусоу Кујате и Керфала Диабате, заедно со виртуозот на балафон Ласана Диабате. – Со неверојатна леснотија, тие ги спојуваат хипнотичките традиционални стилови со влијанија од џез, конгоанска румба, гвинејски танцови ритми и кубанска музика, создавајќи звук што е смело футуристички. Тројцата музичари првпат се сретнале во 2024 што резултирало со нивниот импресивен деби албум „Guitari Baro“ со кој ќе настапат. Овој албум е вистинско откритие — интимен, моќен и полн со емоција и се издвојува како еден од највозбудливите и најиновативните музички проекти на денешницата, посочуваат организаторите.

Следува домородната група БЦУЦ (BCUC – Bantu Continua Uhuru Consciousness) која потекнува од Советот во Јужна Африка (од 22 часот, во НОБ), веќе позната на оффестовската публика. Тие, на јубилејното издание, се враќаат по две години, овој пат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“. Познати се по уникатната мешавина од психоделични грувови, високоенергетски ритми комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија, а по 23-години постоење,  продолжуваат да настапуваат со истиот бунтовнички, активистички дух со кој и започнале.

BCUC

– Сакав лично на јубилејното издание да вратам една група што одржала еден од најдобрите концерти на фестивалот, и изборот падна на БЦУЦ, а за тоа има и непосреден повод бидејќи неодамна излезе нивниот нов албум, рече Белопета.

Втората фестивалска вечер, на 4 јуни (20 часот, НОБ), ја започнува маестралниот хардaнгер виолинист Нилс Окланд од Норвешка, кој на „Оффест“ ќе настапи во интимен соло и дуо формат со органистот Сигбјорн Апеланд.

– Способноста на Окланд е да создава заразни мелодии, звук што зрачи со мистерија и веднаш препознатлива емоционална длабочина. Музиката слободно се движи помеѓу локалната традиционална народна музика, современата музика, џезот и слободната импровизација, се посочува во програмата на „Оффест“.

Добрила и Доријан

Следува настап на македонското дуо Добрила и Доријан (22 часот, НОБ). Станува збор за концертна промоција на нивниот нов, трет албум, по „Апокриф“ и „Пиле шарено”.

Продуцентот, гитарист, органист Раул Рефри и вокалистката Марија Мазота од Шпанија/Италија ќе ја започнат третата фестивалска вечер на 5 јуни (20 часот, во НОБ). – Нивната соработка го изроди албумот „San Paolo di Galatina“, каде што Рефри и Мазота го реинтерпретираат апулијскиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20 век (религиозни мантри, работнички песни, приспивни песни), со цел да се излезе од темнината и општествената задушеност и да се достигне физичка слобода и чувство на заедништво толку посакувано во нашето време, додаваат од „Оффест“.

„Les Amazones d’Afrique“

Следува (22 часот, НОБ) групата „Les Amazones d’Afrique“ формирана во Бамако, Мали, во 2014 од три познати малиски музички ѕвезди и активистки Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Мириам Думбиа. – Овој женски колектив се соедини преку заедничка музичка визија, но и со цел: да се залага за родова еднаквост и да го насочи вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените. Сепак, нивниот музички израз е подеднакво моќен. Богат со мелодии и стилски разновиден, тој спојува пан-африкански звуци и колективни хармонии со суров, современ поп. Со три албуми зад себе, нивната силна енергија и препознатливото присуство, се вбројуваат меѓу најважните гласови на современиот западноафрикански феминизам, велат од „Оффест“.

Последната фестивалска вечер (6 јуни) ќе се одржи во МКЦ. Притоа, во Денсинг сала, од 22:00 часот настапува Мачуме Занго, реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, препознаен како нов мајстор на тимбила (традиционален дрвен ксилофон).

– „The Native Practices of Mozambique“ е аудиовизуелен концерт на Занго, во форма на обновена верзија на песните, танците и ритуалите на народите Банту од Мозамбик. Проектот се реализирал во 2023 и вклучува аудиовизуелни материјали од културните традиции на три етнички групи во Мозамбик: Макуа, Нијау и Чопе, истакнуваат од фестивалот.

„Zawose Queens“

„Оффест“ завршува со настап на „Zawose Queens“ кои ја продолжуваат долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Гого (познат и како Вагого) од регионот Додома во централна Танзанија (Денсинг сала, од 23:00 часот). Тие ќе ги донесат своите источноафрикански корени со суптилни електронски елементи – со битови и дропови за финале на фестивалот.

Истиов ден, претходно, од 20 часот, во киното „Фросина“ ќе има проекција на филмот „Елис и Том“.

„Лос Анџелес, февруари 1974 година. Том Жобим, олицетворение на боса нова, и Елис Реџина, тогаш најпопуларната пејачка во Бразил, се сретнаа за да го снимат она што ќе стане еден од најиконските албуми во историјата на бразилската музика. Преку ретки и досега невидени снимки, „Elis & Tom – It had to be you“ е музички документарец што ја раскажува приказната за тоа како се случиле средбата и снимањето на овие двајца големи уметници“.

Инаку, годинашниот „Оффест“ е поддржан од Министерството за култура и туризам со 2 милиона и 400 илјади денари, а дизајнот на плакатот и на каталозите е на Зоран Кардула. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ