Скопјанец веќе со години се обидува пред државата да докаже дека не е починат тој, туку неговиот брат близнак. Поради институционалниот ќор-сокак и правната празнина за враќање од мртвите, македонскиот Кафка не може да си ги остварува основните човекови права, нема лична карта, здравствено и пензиско осигурување, сметка во банка. Матичните книги го водат како починат, а судот одбива одговорност да утврди дека тој навистина е жив и препраќа во Управата за матично. Од таму топката ја префрлаат кај судот и така во бесконечниот бирократски лавиринт, човекот се наоѓа меѓу живите и мртвите, во правниот вакум каде логиката се судрила со прописите.
Во држава во која за многу работи треба „врски“, еден скопјанец се обидува да го направи најосновното – да докаже дека е жив. Но институциите, барем на хартија, веќе одамна го „погребале“.
Приказната, која звучи како од филмско сценарио, е реалност што трае повеќе од седум години. Граѓанин од Скопје е впишан во матичната книга на умрени – и тоа по грешка, откако неговиот брат близнак починал во Чешка користејќи го неговиот пасош. Чешките власти го идентификувале починатиот според документот, а податоците, по сите пропишани процедури, стигнале во Македонија. Тука приказната добива административен печат – смртта е заведена, но на погрешниот човек. И така, жив човек станува мртов, барем за системот.
Откако дознал дека е „починат“, скопјанецот ја започнал својата институционална голгота. Поднел барање до Основниот граѓански суд Скопје да биде прогласен за жив. Но наместо решение, добил одговор дека судот не е надлежен, бидејќи таква постапка – не постои.
Приказната продолжува во Управата за водење на матичните книги. Таму, пак, му било кажано дека само судот може да го „оживее“ со соодветна одлука.
И така додека двете институции си ја префрлаат топката, човекот останува заглавен некаде помеѓу животот и смртта – во институционален вакуум.
Народниот правобранител, постапувајќи по претставката поднесена уште во 2023 година, констатира сериозно прекршување на основните човекови права. Бидејќи, кога државата ве води како починати, не можете да извадите лична карта, да се вработите, да се пензионирате, да користите здравствени услуги – практично, да постоите.
„Со ваквото меѓусебно префрлање на надлежноста, без суштинско постапување, се повредува основното право на живот“, нотира Народниот правобранител.
И покрај интервенциите, институциите остануваат на своите позиции – секоја со својата „ненадлежност“. Во меѓувреме, скопјанецот продолжува да живее – но само во реалноста. Во системот, тој сè уште е мртов.
Лавиринт без излез: кој е надлежен кога жив човек е прогласен за мртов?
Иако на прв поглед изгледа неверојатно, ваквите ситуации се резултат на правен вакуум во кој институциите немаат јасно утврдено кој и како треба да постапи. Во Македонија, Управата за водење на матичните книги е институцијата што ги води евиденциите за раѓање, брак и смрт. Таа има можност да врши исправки, но само доколку постои соодветен правен основ – најчесто судска одлука или друг официјален доказ.
Од друга страна, судовите одлучуваат за правно релевантни факти, како што е утврдување или прогласување на смрт. Но, проблемот настанува затоа што во законите не постои јасно предвидена постапка со која едно лице може да биде „прогласено за живо“ во случај кога по грешка е заведено како починато. Со други зборови, системот знае како некој да го запише како мртов, но не знае како да ја исправи таа грешка кога ќе се покаже дека лицето е живо.
Токму тука започнува институционалниот лавиринт. Управата за матични книги бара судска одлука за да го избрише уписот од книгата на умрените, додека судот се прогласува за ненадлежен бидејќи ваква постапка не е предвидена со закон. Наместо решение, граѓанинот се соочува со префрлање на одговорноста од една институција на друга, без некој да му го реши проблемот.
Последиците од ваквата состојба се сериозни. Лице кое формално се води како починато не може да извади лична карта, нема пристап до здравствено осигурување, не може да се вработи, да располага со банкарска сметка, ниту да остварува било какви права како граѓанин. Практично, иако е жив, за системот тоа лице не постои.
Токму затоа Народниот правобранител за овој несреќен скопјанец укажува дека станува збор за повреда на основните човекови права, бидејќи државата има обврска да обезбеди правен идентитет и функционален пристап до институциите.
Правниците што ги консултираше весникот Вечер, објаснуваат дека ваквите случаи спаѓаат во т.н. „правна празнина“, каде што системот нема јасно решение за ситуација во која жив човек е евидентиран како починат. Со самиот упис во матичната книга на умрените, лицето практично го губи својот правен субјективитет, односно престанува да постои како носител на права.
„Законот детално ја уредува постапката како некој да биде прогласен за мртов, но не предвидува како да се исправи таква грешка кога лицето е живо. Токму затоа доаѓа до судир на надлежности и институционален ќор-сокак“, објаснуваат правни експерти. Според нив, ваквите ситуации се сериозна повреда на правото на идентитет, кое е заштитено и со Европската конвенција за човекови права.
„Теоретски што би било решение, во праксата ваквите случаеве треба да се решаваат со судска постапка за утврдување на факти преку декларативна тужба или преку управна постапка со дополнителни докази, како ДНК, сведоци, документи. Сепак кај нас нема јасно пропишан пат, па претпоставувам дека институциите избегнуваат да преземат одговорност“, објаснуваат правните експерти.
И додека ваквите случаи се појавуваат и во други земји, за овој скопјанец приказната е секојдневие во кое мора да го докажува неспорното -дека е жив. Заглавен меѓу институциите што си ја префрлаат одговорноста, тој останува невидлив за системот, без документи, без права и без начин да го врати својот идентитет. Неговата борба со системот покажува поголем проблем – а тоа е ако администрацијата те запише како починат, враќањето назад не зависи од вистината, туку од тоа дали некој конечно ќе преземе одговорност да те „врати меѓу живите“.
И во светот тешко се враќа од мртвите
Апсурдни ситуации во кои живи луѓе се водат како починати се бележат и во други земји, каде институциите често остануваат „заробени“ во сопствените процедури.
Неодамна, во Вировитица, Хрватска, се случи неверојатна административна грешка, што резултираше со официјално прогласување на живиот Ненад Марковиќ, за мртов. Оваа грешка во болничкиот систем предизвикала замрзнување на неговите банкарски сметки и поништување на неговите лични документи, предизвикувајќи големи проблеми во секојдневниот живот
Во Соединетите Американски Држави, Доналд Милер бил прогласен за мртов, но кога по години се појавил жив и побарал да биде правно признаен, судот го одбил неговото барање со образложение дека законскиот рок за поништување на смртта е истечен. Така, и покрај тоа што физички стоел пред судијата, Милер останал „мртов“ на хартија. Слична судбина имал и Константин Релиу од Романија. Откако се вратил дома по подолг престој во странство, дознал дека е прогласен за починат. Побарал од судот да ја исправи грешката, но добил ист одговор – доцни. Судот пресудил дека е предоцна да се врати меѓу живите, оставајќи го формално мртов. Можеби најдрастичниот пример доаѓа од Индија, каде Лал Бихари бил прогласен за мртов за да му се одземе имотот. Неговата борба со бирократијата траела дури 19 години, а во знак на протест тој дури и го додал зборот „Мртов“ во своето име. (П.А.)












