Американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го разјасни рокот што му го даде на Иран за повторно отворање на Ормутскиот теснец, велејќи дека истекува во вторник во 20:00 часот по источно време, што е 2:00 часот по европско време.
„Вторник, 20:00 часот по источно време!“, напиша Трамп во нова објава на социјалните мрежи.

Тој претходно се закани дека ако Иран дотогаш не отвори клучната бродска линија, САД ќе ја таргетираат критичната инфраструктура во земјата.
Трамп дополнително ја засили својата реторика, велејќи дека вторник би можел да биде „ден за електрани и мостови“, алудирајќи на можни напади врз енергетската и транспортната инфраструктура.
Ова е најновата во низата закани што американскиот претседател ги упати до Техеран откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, по што Техеран практично го затвори Ормутскиот теснец.
И покрај острата реторика, Трамп исто така навести дека сè уште може да се постигне договор.
Во интервју за Фокс њуз, тој рече дека има „добри шанси“ Иран да постигне договор до денеска, додавајќи дека Техеран „преговара токму сега“.
Ормутскиот теснец е една од најважните бродски линии во светот, низ која минува околу една петтина од глобалната трговија со нафта, а неговата блокада предизвикува сериозни нарушувања на енергетските пазари.












