петок, јуни 5, 2026
Дома СКОПСКА Започна акција за отстранување на хаварисани возила во Кисела Вода

Започна акција за отстранување на хаварисани возила во Кисела Вода

77

Општина Кисела Вода денеска започна со интензивна теренска акција за справување со хаварисаните возила кои со години ги узурпираат паркинг-местата, тротоарите и зелените површини низ општината.

Општинските власти информираат дека инспекциските служби, по претходно изготвен регистар од месните и урбаните заедници, започнале со лепење на известувања за задолжително отстранување на овие возила. Притоа, согласно со Законот за управување со дополнителни текови на отпад, сопствениците на регистрираните возила во неупотреблива состојба имаат рок од десет дена сами да ги дислоцираат од јавните површини.

Доколку сопственикот не го отстрани возилото во дадениот рок од 10 дена од денот на известувањето, инспекциските служби на Општина Кисела Вода ќе изготват решение за отстранување, по што  тие ќе бидат подигнати од страна на колективниот постапувач „Грин Роад“ и транспортирани на собирно место наменето за таа цел.

– Нашиот приоритет е ослободување на секое парче јавна површина кое е блокирано од стари и неупотребливи возила. Овие возила не се само естетски проблем, туку се и пречка за нормалното движење на пешаците и возилата. Акцијата е резултат на координација со месните заедници кои ни помогнаа да ја мапираме точната состојба на терен – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Таа ги повика граѓаните да соработуваат бидејќи како што нагласи: „Само заедно можеме да го вратиме редот на нашите улици и да обезбедиме поголема безбедност за сите“.

ИЗДВОЕНИ