Во завчерашното балканско мегашоу „Никогаш не е доцна“!
Во дуелот со Далматинецот Александар Кабиљо, нашиот Виктор ја испеа песната „Кажи нешто драга, па макар и лага“, од богатиот репертоар на славниот Драган Мијалковски. – Одбравте прекрасна песна, со која се вративме во убавото минато. Како Здравко Чолиќ да ни пееше на македонски јазик овде, во студиото, беа зборовите на членовите на жирито
Долгогодишното балканско мегашоу „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно) не престанува да го привлекува вниманието на огромен број телевизиски гледачи, а со тоа и вниманието на гледачите во Македонија. Особено затоа што во ова шоу, кое го води харизматичниот Жика Јакшиќ, редовно настапуваат и се натпреваруваат музички таленти од Македонија. Присетете се само на феноменалните настапи на Ленче и Горан Кукиќ, Зоран Рудан-Цеки, Блаж Маротов, Јованка Јо, Олгица Велкова од Радовиш….како и на многу други, но и на нашата победничка, дојранчанката Добрила Чабриќ.
Оваа недела, победата ја однесе повторно еден Македонец од Куманово, Виктор Димитриевски, кој во дуелот со Далматинецот Александар Кабиљо ја испеа песната „Кажи нешто драга, па макар и лага“, од богатиот репертоар на славниот Драган Мијалковски.
Нашиот Виктор навистина беше брилијантен, а жирито се воодушеви од неговиот настап. „О, Боже каква песна“, беа зборовите на водителот Жика за песната од репертоарот на Драган Мијалковски. Другиот член од жирито, добропознатиот Кики Лесандриќ, си зеде право да ги каже своите оригинални впечатоци за натпреварувачот од Куманово: – Ме потсетивте на македонскиот Здравко Чолиќ, големиот македонски пејач, Драган Мијалковски. Секоја чест. Одбравте прекрасна песна, со која се вративме во убавото минато.
На тоа, пак, се надополни Жика, повторно споредувајќи го Виктор со легендарниот пејач: – Како Здравко Чолиќ да ни пееше на македонски јазик, овде, во студиото. Секоја чест, Виктор! Со тоа, македонскиот натпреварувач се пласираше директно за следниот круг, победувајќи го Кабиљо од Шибеник, кој на публиката ѝ се претстави со исто така голем прекрасен музички евергрин „Ноно, мој добри ноно“ (песна од репертоарот на легендарната Тереза Кесовија).
Инаку, нашиот Виктор Димитриевски е по струка електроинженер, на кого мајка природа му подарила славејски глас. Од изминатите емисии, го паметиме особено емотивниот настап на Виктор, кога на сцената настапи со својот татко, Милован. На тој начин, му се исполни големата желба да запее со својот сакан татко во „Никогаш не е доцна“. Тогаш во жирито беше и нашата пејачка Каролина Гочева, која уживаше во настапот на овие двајца Македонци пред толку голем аудиториум. Тој и таткото заедно ја испеаја песната „Да знаеш, мори моме“.
Во таа пригода, харизматичниот Македонец ја спомна и својата сакана, но срамежлива сопруга: – Да имаше помалку трема, ќе дојдеше и сопругата да види овде, во студиото, како изгледа сето тоа. Но, без разлика на тоа, јас сум убеден дека таа повеќе се радува од мене на моите успеси, раскажа насмеаниот кумановец. (Д. М.)












