Бернадет Ширак, сопруга на поранешниот француски претседател Жак Ширак и поранешна прва дама на Франција, почина на 93-годишна возраст, објави денес францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон рече дека тој и неговата сопруга Брижит ја примиле веста за нејзината смрт со голема тага и оцениле дека Бернадет Ширак ја одбележала француската историја и ги променила животите на милиони луѓе преку хуманитарна работа.
„Замина една голема дама“, рече Макрон.
Бернадет Ширак беше прва дама на Франција од 1995 до 2007 година, за време на двата претседателски мандати на Жак Ширак, но таа исто така изгради своја политичка кариера низ годините, особено во департманот Корез, каде што беше на изборна функција повеќе од четири децении.
Таа е родена како Бернадет Тереза Мари Шодрон де Курсел на 18 мај 1933 година во Париз. Го запознала Жак Ширак додека студирала на Институтот за политички науки (Sciences Po), а се венчале во 1956 година.
Таа била особено вклучена во хуманитарна работа и собирање средства за деца во болница, водејќи добротворна организација од 1994 до 2019 година.
Нејзината постара ќерка, Лоренс Ширак, починала во 2016 година, по многу години здравствени проблеми.












