среда, јуни 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЗА В ПЕТОК И САБОТА ЗАКАЖАНИ СРЕДБИ НА ПАРТНЕРИТЕ ВО ВЛАДЕЈАЧКАТА КОАЛИЦИЈА:...

ЗА В ПЕТОК И САБОТА ЗАКАЖАНИ СРЕДБИ НА ПАРТНЕРИТЕ ВО ВЛАДЕЈАЧКАТА КОАЛИЦИЈА: Викендов се отвораат картите – реконструкција или најава за избори?

Македонскиот премиер информираше дека соработката на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди продолжува како досега. “Сега не сме пред избори, сега сме во втората половина од мандатот, имаме исклучително коректна и пријателска соработка со Вреди. Очекувам во таа насока да продолжиме. По реализирањето на нашата соработка, по изборите во 2024 година, следуваа локалните избори, каде што тие убедливо победија во 10 општини, така што не гледам пречка во овој момент нашата соработка да не продолжи, истакна Мицкоски

16

За в петок и сабота се закажани средби на премиерот Христијан Мицкоски со партнерите од Вреди и од движењето ЗНАМ на кои ќе се зборува за реконструкција на владиниот кабинет. Ова вчера го најави премиерот и лидер на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на својот престој во Струмица, во рамките на одбележувањето на 36. годишнина од основањето на партијата и на посетата на струмичката болница.

– За в петок и сабота се закажани средбите со коалициските партнери од Вреди и од ЗНАМ – најави македонскиот премиер.

Во одговорот на новинарско прашање, тој рече дека соработката на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди продолжува како досега.

– Сега не сме пред избори, сега сме во втората половина од мандатот, имаме исклучително коректна и пријателска соработка со Вреди. Очекувам во таа насока да продолжиме. По реализирањето на нашата соработка, по изборите во 2024 година, следуваа локалните избори, каде што тие убедливо победија во 10 општини, така што не гледам пречка во овој момент нашата соработка да не продолжи – истакна Мицкоски.

Тој неодамна изјави дека при претстојната реконструкција на Владата, поголемо внимание ќе ѝ се посвети на содржината отколку на обемот на промените на министрите. Врзано за промените во владините ешалони, Мицкоски рече дека во овој период не би сакал да навлегува во детали околу тоа колку ресори ќе претрпат измени. Наспроти ова, претпочита да се задржи на суштината на најавените промени.

– По партискиот роденден, веќе следниот ден ќе почнеме разговори со владините партнери околу реконструкцијата. Но, повторно ќе кажам, повеќе би се задржал на содржината отколку на обемот на реконструкцијата. Бидете трпеливи. Станува збор за денови. Да ги започнеме разговорите, а потоа ќе можеме да зборуваме и за повеќе детали – рече Мицкоски.

Врзано за најавите за владината реконструкција, лидерот на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, завчера изјави дека министрите од редовите на ЗНАМ, Горан Минчев и Игор Филков, доследно ја реализираат владината програма во согласност со приоритетите од реформската агенда. Тој смета дека ЗНАМ ќе продолжи и сака да менаџира со ресорите во кои е поставено, бидејќи допрва ќе следуваат промени.

– Како потврда за постигнатите резултати се и оцените изнесени од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, при неговата посета на Македонија, кога беше потенциран напредокот во областите јавна администрација и владеење на правото, ресори предводени од кадри на ЗНАМ – изјави Димитриевски.

Минатата недела тој најави дека разговорите со коалициските партнери ќе почнат со прашањето дали имаат поклопување на визиите. Во изминатиов период, премиерот Мицкоски неколку пати ја најави можноста да се одржат предвремени избори напролет следната година, иако е на ставот дека гласањето треба да биде во редовниот термин – во 2028 година. Врзано со ова, политичките аналитичари деновиве укажуваа дека помал обем на претстојната реконструкција на Владата ќе биде еден од сигналите дека се можни предвремени избори следната година. (Б. Ѓ.)

ЗНАМ зборува за национални интереси, СДСМ за лични

Движењето ЗНАМ одново стана предмет на обвинувања од редовите на опозициската партија СДСМ откако неговиот лидер, Максим Димитриевски, јавно изјави дека со учеството во Владата сакаат да обезбедат посилна застапеност на македонските национални интереси. Опозициските социјалдемократи реагираат на ставовите на Димитриевски по телевизиското интервју во кое тој ги објасни мотивите за влезот на движењето ЗНАМ во Владата.

– Нашите мотиви да влеземе во Владата беа Македонците повеќе да не се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава – нагласи Димитриевски.

Како едно од најзначајните политички прашања во изминатиот период, Димитриевски ја посочи непроменливоста на Уставот под услови на нови отстапки и повторно го афирмираше концептот на условени уставни измени, предлог што го застапува веќе неколку години.

– Нашиот став останува непроменет. Концептот на условени уставни измени е решение што ги штити националните интереси и обезбедува јасни гаранции за државата и за граѓаните – истакна претседателот на ЗНАМ.

На ваквите негови ставови реагираа од опозицискиот СДСМ, од каде што соопштија дека единствен мотив за влез на ЗНАМ во Владата биле личните и бизнис-интереси на Димитриевски и на неговите сопартијци.

– ЗНАМ не е политичка партија. ЗНАМ е сателит на ВМРО, здружение создадено и финансирано од страна на Христијан Мицкоски за да му обезбеди разбивање на единствената опозиција, за да ги збуни гласачите и за во последните две години да плука по опозицијата. Сите знаат зошто влезе ЗНАМ во тендер-коалицијата со организираната криминална група ВМРО. Тоа го знаат и граѓаните. Заради лични и бизнис-интереси. Ваша единствена програма е вашиот личен интерес и се вика „џеб“ – потенцираат од СДСМ.

ИЗДВОЕНИ