среда, јуни 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Вториот протокол останува во европскиот извештај, ќе падне ли на Уставен?!

Вториот протокол останува во европскиот извештај, ќе падне ли на Уставен?!

865

Европратениците го одбија амандманот на известувачот Томас Вајц, се бараат „јасни и опипливи резултати“ од историската комисија

Со 411 гласа „за“ 120 против и 120 воздржани, Европскиот парламент го изгласа извештајот за напредокот на Македонија. Европратениците во Стразбур го усвоија извештајот, но го отфрлија обидот за бришење на ставот 73, со што останува барањето историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, како и терминот „заедничка историја“. Извештајот ја потврдува и обврската за уставни измени како услов за следните чекори во евроинтеграциите, но известувачот за земјава Томас Вајц ја повика Европската Унија да ги испорача ветувањата кон Македонија

 

Европратениците, денеска, на пленарна седница во Стразбур, го одобрија извештајот за напредокот на Македонија, но го отфрлија третиот амандман, предложен од известувачот Томас Вајц, со кој требаше да се избрише ставот 73 од идната резолуција. Резолуцијата беше поддржана од 411 европратеници, додека 120 гласаа „против“, додека обидот за отстранување на третиот амандман од текстот доби поддршка од 126 европратеници, а 338 гласаа за негово задржување.

Параграфот 73 е значаен бидејќи во него се повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања да постигне „јасни и опипливи резултати“, при што својата работа да ја заснова на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“ согласно со Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија. Во текстот е присутен и поимот „заедничка историја“.

Во извештајот се укажува дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски во однос на уставните измени, при што се потсетува на ставот на Советот на Европската Унија дека нова меѓувладина конференција ќе биде одржана откако земјата ќе ги спроведе потребните измени во Уставот.

Во документот се наведува и ставот дека процесот на европска интеграција останува условен со конкретни чекори, меѓу кои клучно место заземаат уставните промени.

Извештајот констатира дека напредокот во одредени области останува ограничен, но истовремено ја истакнува стратешката улога на Коридорот 8 за регионалната поврзаност. Дополнително, се дава поддршка за реализација на прекуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, како дел од инфраструктурното поврзување. Се нагласи и потребата од доследно спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, како дел од обврските во процесот на приближување кон ЕУ.

Европски вредности

Непосредно пред гласањето во Стразбур, македонскиот премиер Христијан Мицкоски побара од европратениците да се држат до европските вредности и да го поддржат амандманот според кој билатералните протоколи не се составен дел од преговарачката рамка.

– Ако сака Европа да го задржи својот кредибилитет, тоа треба да го направи, треба да ја исправи неправдата што и е нанесена на Македонија. Мислам дека тоа треба да се случи, европските пратеници треба да го поддржат и оној амандман во кој се нотираат придобивките и напредокот, но и оној дел во кој протоколите не се составен дел од преговарачката рамка. Ги охрабрувам и ги замолувам европратениците да се држат до европските вредности дефинирани од Шуман, Аденауер и Де Гаспери при формирањето на ЕУ, порача Мицкоски.

Според него, за жал, вината некогаш треба да ја бараме и меѓу нас, зашто во минатото имавме политичари медиокритети кои им направија штета на граѓаните и на државата.

– Но, затоа сега имаме генерација и тука и во Европскиот парламент, која е подготвена таа штета да ја исправи, рече премиерот.

Говор на омраза во Стразбур

Гласањето се одржа по жестока дебата за текстовите поврзани со спроведувањето на обврските на Македонија според преговарачката рамка со ЕУ. Ден претходно, бугарските европратеници за време на расправата во ЕП ја нападнаа Македонија дека ги крши човековите права на Бугарите. Тие го искористија случајот со запалените возила. Вистински говор на омраза се ширеше од говорницата во ЕП, кога бугарската европратеничка Рада Лајкова порача дека во Македонија се зборува бугарски дијалект и дека најголемиот дел од населението во земјава има бугарско потекло.

– Во Македонија се зборува дијалект на бугарскиот јазик и во Македонија преовладувачкиот дел од населението е од бугарско потекло. Сега ќе кажам и на бугарски јазик што се зборува во Македонија: Оваа македонска историја е вештачка. Таа е фалсификат што е напишан во Белград од србокомунистичките историчари, рече бугарската европратеничка.

– Северна Македонија самата се блокира и бара креативни решенија, под наводници, за да не ги исполни преземените обврски. Недозволиво е вината за недостатокот на напредокот да се префрла врз Бугарија. Оваа политика го поттикнува говорот на омразата, нетрпеливоста и дискриминацијата кон Бугарите, што е неспоиво со европските вредности, рече бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев.

Уставен суд на потег

Во јули минатата година, поранешната пратеничка Лилјана Поповска поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за преиспитување на уставноста на Вториот протокол од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Во иницијативата се оспоруваат делови од документот, со аргументација дека тој има значајни политички и правни последици врз надворешната политика на државата и врз процесите поврзани со историските и образовните прашања.

Уставниот суд ја прифати иницијативата за разгледување, но сè уште не се има произнесено по суштината на предметот и не донел конечна одлука.

Иницијативата беше дел од пошироката домашна дебата околу обврските што произлегуваат од протоколот, особено во контекст на работата на Заедничката мултидисциплинарна комисија и употребата на формулации како „заедничка историја“.

Вајц: ЕУ даде ветувања што не ги исполни

Известувачите на Европскиот парламент за петте земји од Западен Балкан, вчера, ги презентираа извештаите на пленарната сесија, а во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос. Известувачот за Македонија, Томас Вајц, рече дека регионот на Западен Балкан бил и продолжува да биде „поле за играње на странските сили“ и потсети на разорните етнички војни што го зафатија регионот во 1990-тите. Вајц нагласи дека постојат две земји кои избегнале масовно насилство, имено, водечкиот кандидат за пристапување, Црна Гора, и другата, Македонија, која исто така би можела да биде меѓу водечките земји во процесот на пристапување.

– Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека ние во ЕУ дадовме ветувања што не ги исполнивме, рече Вајц.

Тој нагласи дека земјите, вклучително и Македонија, имаат волја да ги спроведат потребните реформи и дека ова треба да се награди, на пример преку делумна интеграција на пазарот, делумна интеграција во однос на роамингот, преку Единствената европска платежна зона, со цел да се одржи мотивацијата.

Вајц нагласи дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан носи безбедносна и економска вредност за Европската Унија, како и голем број други придобивки. Тој рече дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на ЕУ.

Според австрискиот европарламентарец, целта е да не се изгуби мотивацијата во земјава, додавајќи дека лично верува оти прашањата за идентитетот го растргнале регионот на Западен Балкан.

Вајц порача дека Европската Унија не бара усогласување на историските учебници ниту оспорување на националните идентитети како услов за европска интеграција. Според него, меѓусебното почитување меѓу соседните држави е темел на соработката и на добрососедските односи.

– Она што не е дел од европското законодавство се 100 % идентични историски учебници, дури и по 80 години од австриската историја по Втората светска војна. Ова не е нешто што се обидуваме да го постигнеме или што сме го постигнале со нашите соседни држави. Јас никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање идентитетот на мојата соседна земја. Никогаш. Никогаш не би се осмелил да го доведам во прашање бугарскиот идентитет само затоа што сте биле 500 години под отоманска власт. Ова меѓусебно прифаќање помеѓу соседите е темел на соработката. И она што сè уште сакам да го кажам е дека, исто така, на нас тука, во Европската Унија, е да ја поддржиме платформата, да го поддржиме дијалогот, да ја вратиме довербата, да помогнеме со мали чекори повторно да се изградат добрите билатерални односи — во овој случај помеѓу Бугарија и Македонија, но тоа е случај за целиот регион, истакна Вајц.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, порача дека е време за интеграција на земјите од Западен Балкан со цел некако да се исправат грешките направени во минатото, кога околностите беа поинакви. Кос нагласи дека она што е сигурно е дека нема кратенки и дека процесот на интеграција се базира на заслуги. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ