Беше потребен помалку од еден ден за да се види дека примирјето на САД со Иран не функционира како што треба.
Иран ги обвини САД за кршење на три клаузули, за период од помалку од 24 часа по склучување на примирјето. Министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, вели дека крајот на војната во Либан е дел од договорот за прекин на огнот, додека американскиот претседател, Доналд Трамп, и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, тврдат дека прекинот на огнот не го опфаќа Либан. По склучувањето на примирјето, Израел ги изврши најжестоките напади врз Либан, при што загинаа 254 луѓе, а преку 1.100 беа ранети низ државата, објави службата за цивилна заштита. Најголем број жртви е регистриран во Бејрут, каде што беа убиени 91 лице. Во Либан, четвртокот беше ден на жалост.
– Светот ги гледа масакрите во Либан, рече Арагчи во објава на X. „Топката сега е во дворот на Америка, а светот гледа дали ќе ги исполни своите обврски“.
Тој истакна дека „САД мора да изберат помеѓу продолжување на војната преку Израел или примирје“.
Нетанјаху, пак, изјави дека примирјето договорено меѓу Вашингтон и Техеран не значи „крај на кампањата против Иран“ и дека Израел е „подготвен да ја продолжи борбата во секое време“.












