недела, октомври 25, 2026
Дома СВЕТ Европа на улиците: Судири со полицијата, солзавец и стотици приведени

Европа на улиците: Судири со полицијата, солзавец и стотици приведени

0
EPA/FIRAS ABDULLAH

Незадоволството од високите трошоци за живот, опаѓањето на куповната моќ и политичката ситуација повторно извадија илјадници луѓе на улиците во европските градови. Протести се одржаа во Франција, Белгија, Италија и Шпанија, при што дојде до судири со полицијата, употреба на солзавец и бројни приведувања.

Франција: Речиси 1.000 приведени

Според министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, за ​​време на протестите низ Франција биле приведени речиси 1.000 лица, а во Марсеј биле ограбени две продавници за накит. Вчера до 19:30 часот, бројот на приведени достигнал речиси 1.000, со можност оваа бројка дополнително да се зголеми.

Министерот истакна дека протестните маршеви воглавно биле мирни, иако одредени групи се обиделе да предизвикаат немири и да извршат кривични дела. Во Ница биле приведени 61 лице, додека во Клермон-Феран едно лице се здобило со тешка повреда на раката.

Француските власти ангажираа околу 70.000 полицајци и жандарми. Според Министерството за внатрешни работи, на протестите учествувале околу 410.000 луѓе, додека синдикатот ЦГТ (CGT) проценува дека бројката изнесува околу 800.000. Во Париз, полицијата регистрирала околу 110.000 демонстранти, додека синдикатот проценува дека ги имало 250.000.

Рим: Полицијата употреби водени топови и солзавец

Во центарот на Рим избија судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако учесниците се обиделе да им се приближат на владините згради. Полицијата употреби водени топови и солзавец откако демонстрантите почнаа да фрлаат шишиња кон припадниците на силите за ред.

Италијанските медиуми известуваат дека повеќе од 200 млади луѓе се приведени поради обид за предизвикување немири. Тензиите пораснаа и во близина на Колосеумот, каде што учесници во неодобрен марш влегле во амфитеатарот. Поради планираните собири, низ Рим беа распоредени повеќе од 1.500 припадници на безбедносните сили.

Брисел: На протестите употребени солзавец и бибер-спреј

Белгиската полиција употреби солзавец и бибер-спреј за време на протестите во Брисел, организирани како поддршка за младите и против реформите во образованието, но и против полициското насилство што се случи за време на претходните демонстрации.

Интервенцијата се случи откако мала група демонстранти проби полициски кордон. Неколку стотици луѓе се собраа и на плоштадот „Албертина“, каде што полицијата ги проверуваше учесниците и одземаше предмети за кои се сметало дека би можеле да се искористат за предизвикување немири.

Мадрид: Протест поради пензискиот систем

Десетици илјади луѓе протестираа во Мадрид, изразувајќи загриженост за иднината на јавниот пензиски систем и можноста за негова приватизација. Демонстрантите побараа зачувување на куповната моќ на пензионерите и зајакнување на нивната социјална заштита. Според проценките на организаторите, на собирот присуствувале околу 50.000 луѓе, додека владината делегација наведува бројка од 25.000. Учесниците носеа транспаренти со пораки како „Загарантирани пензии“ и „Заштитете ги пензиите“.

Протестот се одржа во пресрет на изборите во Шпанија, при што пензиите, куповната моќ на граѓаните и станбената криза се меѓу клучните политички прашања. Премиерот Педро Санчез ја обвини десничарската опозиција дека се залага за делумна приватизација на пензискиот систем.

ИЗДВОЕНИ