Во струшкото село Враништа денеска беше означен почетокот на изградбата на систем за одводнување на фекалните отпадни води, на кој, покрај градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
Градоначалникот Ќура нагласи дека жителите со години чекале за реализација на овој проект и дека тој е петти по ред што се реализира на територијата на Општина Струга.
– Овој месец ќе започне реализацијата на уште три проекти. Вкупно сите осум проекти чинат 9 милиони евра. Толку проекти не се реализирани во последните 15 години – изјави Ќура.
Тој најави дека до крајот на годинава дополнително ќе се реализираат уште пет-шест проекти.
Премиерот Мицкоски истакна дека ова е проект што има децениско значење и оти со неговата реализација, но и на сличните на него, не само во Струга туку и во цела Македонија, полека, но сигурно Владата со својата работа го разбива стереотипот од минатото дека сите политичари се исти, дека сите влади се исти, дека гледаат само за себе, а не за граѓаните.
– Ценам дека со нашата работа, посветена, фокусирана, се разбира во рамките на нашите можности и ресурси, тоа што можеме да го направиме го правиме исклучиво и за интересот на граѓаните. Јас сум го кажал тоа многу пати во минатото, ќе го повторам и сега, чуда не се возможни, сите оние што ветуваат чуда не ја зборуваат вистината. Ние не сме чудотворци, но ќе дадеме сè од себе, со спортски жаргон да се изразам, ќе го оставиме срцето на терен за да добијат граѓаните поквалитетен живот и за да го подобриме нивниот живот. Тоа е нашата инспирација и затоа сме посветени максимално – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека со политиките на Владата, Струга е препознаена и ќе биде меѓу приоритетите во годините што доаѓаат.
– Ние, како Влада, даваме збор дека ќе сториме сè што е во наша моќ да го испорачаме сето она што сме го ветувале и нема да застанеме тука, ќе се обидеме и проект повеќе да испорачаме за да го подобриме животот на граѓаните на Општина Струга – заклучи премиерот Мицкоски.
Воедно, беше извршен увид во градежните активности за реконструкција на туристичката улица во Струга и за реконструкција на улицата во населбата Езерски Лозја.












