На Плоштад „Расадник“ во Општина Кисела Вода беше отворено Државното првенство на Плазма Спортските игри за млади. Најдобрите 580 деца од четирите региони во Македонија се натпреваруваа во десет спортски дисцплини: Coca-Cola Cup 2011, мал фудбал, баскет 3х3, ракомет, одбојка и одбојка на песок, атлетика, народна топка, пинг-понг, тенис и шах.
Победниците (вкупно 204 деца) од првото издание на Плазма Спортските игри за млади ќе патуваат на меѓународната завршница, која од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит. Таму нашите „симовци“ ќе имаат можност не само да се натпреваруваат, туку и да се дружат со своите врсници од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија.

Општина Кисела Вода повторно се покажа како одличен домаќин на големи спортски настани. Токму оваа општина ќе влезе во историјата на Плазма Спортските игри за млади во Македонија.
Од Плоштад „Расадник“, 580-те дечиња испратија една порака – спортот е единствената алка што обединува.
Плазма Спортските игри за млади се едно од најголемите аматерски спортски натпреварувања во Европа, со една и единствена цел – бесплатен спорт за секое дете. Токму благодарение на Владата на Република Македонија и премиерот Христијан Мицкоски, СИМ дојде и во нашата земја.

На свеченото отворање на Државното првенство на присутните им се обрати министерот за спорт, Борко Ристовски, кој истакна дека заедно со Владата на Република Македонија ќе продолжат да ги поддржуваат најмладите.
„Кога пред две години посакавме Плазма Спортските игри за млади да ги донесеме во Македонија, токму ова беше визијата што ја имавме. За ова сонувавме, за ова работевме и сакавме Македонија да стане дел од ова прекрасно спортско семејство.
Мислам дека целта е постигната. Од година во година овој настан ќе расте и ќе се развива, а ќе привлекува сè повеќе деца и млади.
Ние, како Влада и како Министерство, секогаш ќе ги поддржуваме ваквите настани, особено кога во нив се вклучени децата и најмладите. Затоа што не станува збор само за спорт и резултати. Искрено, многу помалку е важно кој победил, а кој загубил.
Најважната вредност на Плазма Спортските игри за млади е тоа што децата учат вистински животни вредности. Учат дека победата не е единственото нешто што е важно, дека и поразите се лекција од која се расте и се станува посилен. Токму тие искуства утре ќе создадат здрави, одговорни и успешни личности, кои ќе придонесуваат за развојот на нашата држава, рече министерот за спорт, Борко Ристовски.

Претседателката на Плазма Спортските игри за млади, Елена Мицковска, им посака на децата успешни натпревари и многу насмевки, потенцирајќи ја важноста на спортот.
„Драги деца, не можам да опишам колку сум среќна што денеска во Општина Кисела Вода се одржува Државното финале. Ние сме тука поради вас. Спортот е движечка сила и најголем амбасадор на една држава, а токму младите спортисти го докажуваат тоа. Дружете се, негувајте фер-плеј, еднаквост и толеранција, тоа се вистинските вредности на спортот.

Би сакала да им се заблагодарам на Владата на Република Македонија и на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за спорт Борко Ристовски, како и на нашите спонзори: Пивара Скопје, Плазма, Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг. Благодарение на нив, секое дете може да спортува бесплатно.“
Во првата сезона во Плазма Спортските игри за млади се натпреваруваа над 26.000 дечиња.












