Во тек е реализација на 17 странски инвестиции, што треба да отворат до пет илјади нови работни места. Што се однесува до инвестициите во енергетиката и регионалното поврзување, цениме дека тоа е иднината за регионот, бидејќи ако сами настапуваме, се плашам дека нема да бидеме препознаени од инвеститорите, изјави премиерот Христијан Мицкоски
Додаде дека сумата што ја имаме на располагање за енергетски проекти во следниве десет години е огромна и ако целиме на 0,01 процент од таа сума, тоа се приближно четири трилиони американски долари.
– Тоа се приближно четири илјади милијарди во следниве десет години, што, ако регионот се обедини, може да понуди проекти за да бидат реализирани, ако добро се организираме, се разбира. Тоа е некаде приближно по четиристотини милијарди годишно. Замислете каква трансформација на општествата ќе настане ако имаме предвид дека на сите шест земји од Западен Балкан што се во групата, вкупниот номинален бруто домашен производ има околу двесте педесет милијарди долари. Значи ова е многу над тоа што претставува вкупен номинален бруто-домашен производ, а зборуваме само за 0,01 процент. Замислете што значи тоа за нашите економии и за нашите граѓани. Мислам дека треба да сме умни како регион, да се поврземе и да покажеме и да докажеме дека можеме да соработуваме и дека знаеме да соработуваме и да понудиме заеднички проекти – рече Мицкоски.
Тој посочи дека ние, како држава, се подготвуваме многу сериозно и оти дел од тие подготовки се и дел од овие тековни проекти што веќе се реализираат.
– Само за напомена, иако дел од опозицијата сакаше проектот на Алказар ветерниот парк во делот на општините Штип, Радовиш и Карбинци да не успее, инвестиција вредна од половина милијарда долари, сепак, инвеститорот веќе доби градежни дозволи и очекуваме да почне со теренските работи некаде во април, по Велигден. Но, не само што ќе го работат тој, туку пројавуваат интереси за нов проект, односно проширување и надградување – рече Мицкоски.
Тој потсети и за останатите проекти, од кои дел од нив ги споменал и во Давос.
– Не случајно во Давос ги споменав Чебрен и Галиште и повторно ги враќаме во игра. Не случајно го спомнав Бошков Мост. Се разбира, веднаш бев жестоко нападнат од дел од невладините организации бидејќи тие поинаку го размислуваат тој проект и начинот на кој треба да се развива државата, рече Мицкоски.
Сите овие проекти, додаде тој, претставуваат дел од можностите што ние ги имаме за инвестиција, споменувајќи ги и гасните електрани што ги најавиле претходно со турскиот холдинг „Акса“, како и гасниот интерконектор што го градиме со Грција и гасниот интерконектор што ќе почнеме да го градиме со Србија.
Во однос на тоа дали имаме стабилна електрична енергија и зошто купуваме однадвор, по објавата на ДУИ дека е набавена струја во износ од над 24 милиони евра, тој одговори дека нивната информација не е точна, поздравувајќи го, како што рече, тоа што излегле од политиките од минатиот век и почнале да се интересираат за реалните потреби на граѓаните.
– Според експертите, се проценува дека кризата со нафтата и со неиспорачаните количества во овој момент е поголема од големите две светски кризи во 70-тите години од минатиот век. Тогаш дневно недостасувале приближно помеѓу 9 и 10 милиони барели. Денеска недостасуваат меѓу 11 и 12 милиони барели. Значи, добро што излегоа од оние пранги на национализам на етнополитика, на фолклор и што конечно ги интересираат реалните проблеми на граѓаните. Но, лошото е што не ја владеат материјата и тоа што го кажуваат е спротивно на вистината, затоа што денеска ЕСМ, односно поранешно ЕЛЕМ, во текот на ноќните часови извезува, односно продава на берзите околу 850 мегават часови што дневно на компанијата ѝ носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра – појасни Мицкоски.
Тој кажа дека постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува.
– Еве, да речеме дека сега е приближно 12 часот и ако ја погледнете берзата, ќе видите дека цената на струјата е нула или минус. И би било лошо како компанија ако сега не преземаат електрична енергија од берзата кога е нула или минус и, да речеме, произведуваме електрична енергија од акумулациите. На дневна комуникација сум со раководството на АД ЕСМ, односно поранешно АД ЕЛЕМ и оние долгови што беа својствени на владата на СДСМ и ДУИ, оние трансфери од буџетот 150, 200 милиони евра што завршуваа во фирми со сомнителни бизнис-зделки во набавката на мазут, инстант компании што носеа јаглен од соседството по цена што беше 30 до 50 отсто поскапа, се во минатото. Така што да бидат спокојни, АД ЕСМ не е компанијата кога беше владата на СДСМ и ДУИ. Ова е компанија која денеска продава на берза и на дневна основа заработува помеѓу 100 и 150 илјади евра – рече тој.
Во однос на ослободувањето мазут, рече дека има одлука од страна на Владата уште во декември и дека стојат на располагање околу 3.000 и 3.200 тони.












