четврток, јуни 4, 2026
Дома БАЛКАН Детето убиец од училиштето „Рибникар“, како оштетена страна, со часови сведочи против...

Детето убиец од училиштето „Рибникар“, како оштетена страна, со часови сведочи против своите родители

465
Фото: EPA

Со панцир под блузата, качкет на главата и со заштитен со црн чадор, малолетниот масовен убиец од Белград, Коста К. утрово со санитетско возило од Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и млади, во полициска придружба, е донесен во Специјалниот суд во Белград. Во големата судница зад затворени врати, тој сведочи како оштетена страна против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ.

Како што пренесе „Курир“ од свои извори, со оглед на тоа што судењето е затворено за јавност, на почетокот судијата го информирал зошто е донесен во судот.

– Уште на самиот почеток, судијата го информира дека сега има статус на оштетена страна, бидејќи неговиот татко Владимир и мајка Миљана Кецмановиќ се обвинети од Високото јавно обвинителство во Белград за негово занемарување и злоупотреба. На прашањето дали разбрал, тој кратко одговорил „Разбрав, сведок“ – рекол изворот на „Курир“.

„Информер“, пак, пренесува дека К. К., на почетокот од своето сведочење, раскажал како му било на училиште.

– Имав 211 отсуства, еднаш настинав, а другите денови се преправав дека сум болен бидејќи ми беше тешко да одам на училиште – рекол тој.

На прашањето дали стои зад својата претходна изјава, малолетниот сторител на масовното убиство рекол: „Стојам зад сè што досега изјавив“. Тој зборувал два и пол часа во првиот дел од судењето, по што била направена пауза.

Во судницата се и родителите на убиените и ранетите деца.

– Цело време е напнато, атмосферата во судницата е болна, судењето веќе трае два и пол часа и сега има пауза – рекле некои од нив кои ја искористиле паузата за да излезат надвор.

На родителите на К. К. им се суди повторно, зашто Апелациониот суд во Белград го поништи поголемиот дел од пресудата против нив, наведувајќи „значителни повреди на постапката“. Беше потврден само еден дел од првостепената пресуда, а тоа е оној со кој Миљана Кецмановиќ се ослободува од обвинението за поседување оружје. Со претходната пресуда, Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор, а Миљана Кецмановиќ на 3 години затвор. Миљана Кецмановиќ е обвинета за злоупотреба и занемарување на дете, а Владимир, покрај за ова кривично дело, е обвинет и за тешко кривично дело против општата безбедност, зашто го носел малолетниот син на стрелиште, а оружјето го чувал необезбедено во домот.

Како што е познато, на 3 мај, пред три години, малолетниот К. К. изврши масакр во своето училиште „Владислав Рибникар“, убивајќи девет ученици и училишниот чувар, а неколку рани. Тој не е кривично одговорен, зашто во времето на злосторството имаше помалку од 14 години, па веќе речиси три години е сместен во Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и млади. Денешното сведочење е негово трето по ред. Претходно, тој пред судот призна дека детално го испланирал злосторството и дека утрото „намерно доцнел на првиот час за да бидат децата во училниците“. Како што призна, тој ден дошол на училиште вооружен со два пиштола од неговиот татко и планирал да ги употреби сите куршуми. Тој, исто така, во претходното сведочење, рече дека татко му го носел на стрелиште и го научил да пука, но и дека го нарекол психопат. Исто така, изјави дека неговата мајка постојано барала од него да биде најдобар во сè и дека се лутела кога не бил.

Созреал и сфатил?! Момчето убиец од „Рибникар“ ги сменил одговорите на сведочењето против неговите родители

 

 

ИЗДВОЕНИ